23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЕСМ почна со активности за санација на цевководот кај мостот „Беласица“

Во текот на изминатиот период АД ЕСМ активно работеше на решение за проблемот со цевководот кај мостот „Беласица“, кој е од суштинска важност за парното греење во град Скопје. Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови и за нивно постаувавање веќе се почна со активности на терен, велат од ЕСМ.

„Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки, се користи алтернативниот вод на железничкиот мост, кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините што ќе ги испорачува ТЕ-ТО“, известува ЕСМ.

Во текот на грејната сезона испораката на топлинска енергија се врши од 6 до 22 часот по строго утврдени правила и дијаграми.

Според овие правила, на почетокот од грејната сезона во октомври и во првата половина на ноември, кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во разни периоди од денот. При одредени атмосферски услови во периодите на високи надворешни дневни температури се прекинува испораката на топлинска енергија, соопштува ЕСМ.

Оттаму, повторно апелираме до потрошувачите и до управителите, односно заедниците на сопственици, да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и тоа веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачите, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).

Соработката, велат, од страна на потрошувачите е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.