23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Донација на ОКТА – инсталирана фотоволтаична централа за ОУ „Гоце Делчев“ во општина Илинден

ОКТА АД – Скопје со нова донација на фотоволтаична централа, како дел од најавените активности со кои компанијата го одбележува 45-годишниот јубилеј. Овојпат, на покривната конструкција на oсновното училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден, поставена е фотоволтаична централа со вкупна инсталирана моќност од 15 kW (киловати), проектирана согласно годишната потрошувачка на електрична енергија на училиштето.

„Со оваа, трета по ред донација на фотоволтаична централа наменета за образовна институција, ОКТА ја истакнува својата стратешка определба кон обновливите извори на енергија. Преку реализација на оваа активност компанијата го заокружува годинешниот план за поддршка на образовните установи во земјава и нивно обезбедување со обновлива енергија, што ќе придонесе за нивна поголема енергетска независност и значителна заштеда на средства. Дополнително донацијата ќе претставува можност за учениците да се стекнат со директни знаења за придобивките од употребата на чиста енергија, одржлив развој и заштита на животната средина“, изјави д-р Ристо Јаневски, директор на енергетско планирање и развој во ОКТА.

Фотоволтаичната централа на ОУ „Гоце Делчев“ во Илинден, предвидено е годишно да произведува и до 21,5 MWh, што ќе покрие значаен дел од потребите на оваа установа за електрична енергија.

„Компанијата ОКТА повторно докажа дека е општествено одговорен член на заедницата, но и добар сосед кој се грижи за реалните потреби на своите сограѓани. Со оваа донација се овозможува континуирана заштеда на средства за општината и намалување на трошоците на училиштето, а се ослободуваат средства за понатамошно подобрување на образовниот и воспитниот процес, од кој крајниот бенефит ќе го имаат децата и нивните родители. Благодарни сме за оваа донација на ОКТА која што треба да биде пример за тоа што значи да се биде одговорен кон средината во која што живееме и работиме“, изјави градоначалникот на Општина Илинден, м-р Александар Георгиевски.

Со оваа донација во општина Илинден, ОКТА го заокружува годишниот план за донација на три фотоволтаични централи наменети за образовни институции во земјата. Во меѓувреме, како дел од активностите за обележување на јубилејот, ОКТА е во завршна фаза на донацијата и на соларен полнач и паркинг за велосипеди во кампусот на УКИМ, а работи и на реализацијата на значајна инвестиција за изградба на фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 12 MW во кругот на компанијата.