25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Регионалната соработка, преку платформи како што е Берлинскиот процес е клучна за да се оствари потенцијалот кој го поседува регонот

„Регионалната соработка, преку платформи како што е Берлинскиот процес е клучна за да се оствари целиот потенцијал кој го поседува регонот. На претходниот Самит потпишавме три договори кои внесоа нова енергија во регионот. Еден од нив беше и Договорот за меѓусебно признавање на професионалните квалификации за докторите, стоматолозите и архитектите. Оваа година потпишавме уште еден, со кој ги вклучуваме и останатите четири регулирани професии според директивите на ЕУ – медицински сестри, ветеринарни хирурзи, акушерки и фармацевти. И ова е навистина голема придобивка за граѓаните на регионот, особено на овие експерти, со оглед на тоа дека ќе обезбеди и поквалитетен пазар на труд и крајно и поквалитетно образование во однос на овие професии со оглед на тоа што веќе ќе можат да функционират на заедничкиот пазар на сите земји на Западен Балкан, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана.

Тој додаде дека на Самитот ќе бидат испорачани и Заклучоци а дел од истите е усвојувањето на Регионалната заедничка изјава за спречување на загадување од пластика, Заедничката декларација за единствениот европски платен простор, Заедничката декларација за иницијативата за WiFi за Западен Балкан по примерот на иницијативата во ЕУ, Заедничката декларација за основање на опсерваторија за конвергенција на Западен Балкан која се однесува на спроведување на системи со која ќе може да се следи развојот и напредокот на земјите од ЗБ во однос на клучни показатели споредено со економскиот развој на земјите членки на ЕУ а со цел приближување на економскиот стандард на земјите од ЗБ со оној кој го имаат земјите од ЕУ.

„Ги поздравивме и имплементациите на активностите кои претходно беа договорени и потпишани, на пример бесплатниот роаминг за земјите од ЗБ, меѓутоа и драматичното намалување на трошоците со ЕУ, којшто договор беше потпишан на претходниот состанок и тоа меѓу земјите од ЗБ, ЕК и 38 телекомуникациски оператори кои оперираат на овој простор и секако дека претставува големо олеснување за граѓаните“, заклучи Ковачевски.