24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Пензионерите во текот на мојот мандат се секогаш дел од моето секојдневие

Пензионерите во текот на мојот мандат се секогаш дел од моето секојдневие, средби, настани и заеднички активности се дел од нашето заедничко битисување. Kако Влада граѓаните секогаш ќе ни бидат приоритет. Подобриот квалитет на живот на пензионерите ги вклучува и услугите кои ги спроведуваме. Зголемените капацитети во старечките домови, услугата помош и нега во домот, Центрите за активно стареење се дел од подобностите за пензионерите во кои и понатаму ќе продолжиме да вложуваме вели во интервју за Локално.мк, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Како течат разговорите и преговорите за Законот за минимална пензија и кога очекувате негово донесување?

Владата на Република Северна Македонија, формира Работна група за разгледување на предлози за прашањето за најниска пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите.
Работната група ги има во посебен фокус пензионерите со ниски пензии и преку анализи и информации подготвени од вклучените страни во работната група (РГ), треба да предложи на Владата на РСМ финансиски и социјални мерки за пензионерите, како и законско решение за редефинирање на правото на најниска пензија.
Во процесот на носењето на предлог мерките и предлог законското решение за уредување на најниската пензија, Работната група ќе води сметка за стабилноста на пензискиот систем и пензиите да продолжат да се исплаќаат навремено и редовно, како за тековните така и за идните пензионери.
Работната група во текот на оваа недела го усвои извештајот со предлог за пакет социјални и финансиски мерки за корисниците на пензија со ниски пензии, кои беа презентирани на последната седница на Владата на Република Северна Македонија. По доставување на извештајот, Работната група продолжува со работа кон изнаоѓање на ново законско решение за минимална пензија со измени на постоечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување или нов посебен закон за минималната пензија.