15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Осуммина обвинети признаа вина во случајот „Багер“, соопшти Обвинителството

На првото одржано рочиште за предметот со кодно име „Багер“ осуммина обвинети, кои извршувале недозволено истражување и ископување движни добра под привремена заштита, односно културно наследство, ​ги признаа делата за кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во јуни годинава поднесе обвинителен акт.

Според опишаните дејства во диспозитивот на обвинителниот акт, сите обвинети сториле кривично дело злосторничко здружување, а првообвинетиот С. Џ. (47) врз основа на признание дека ги сторил и кривичните дела прикривање, оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи е осуден на единствена казна затвор во траење од 5 години и 2 месеца.

Четворицата обвинети М. С. (42), Г. К. (45), И. С. (48) и М. Џ. (37), освен кривичното дело злосторничко здружување, признаа дека сториле и кривично дело оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за што судот им изрече алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Д. Р. (36), кој беше обвинет и за кривичното дело изнесување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, врз основа на признание на вина судот му изрече единствена казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци.

Т. А. (58), покрај кривичните дела злосторничко здружување и прикривање, го призна и кривичното дело оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости за кои му е изречена единствена затворска казна од 3 години и 8 месеци.

Најмладиот Р. З. (28) призна дека е сторител на кривичните дела злосторничко здружување, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости и изнесување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости за што му е изречена единствена затворска казна од 3 години и 2 месеци.

За другите тројца обвинети судењето е во тек.