29. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Приведени дрвокрадци од радовишко, следува соодветна пријава

На 10.10.2023 во 16.35 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш ги лишиле од слобода Е.Г.(35) и С.И.(41), двајцата од село Бучим, радовишко, поради сомнение дека сториле кривични дела „пустошење на шума“ по член 226 и „фалсификување на знаци за обележување на стоки, мери и тегови“ по член 272 од Кривичниот закон.

На 09.10.2023, комисија од Јавно претпријатие „Национални шуми“, подружница „Плачковица“ – Радовиш извршиле увид на товарно возило „фиат дукато“ со радовишки регистарски ознаки, сопственост на Е.Г., кое било натоварено со огревни дрва означени со жиг, а претходно било одземено од полициски службеници од ОВР Радовиш. При контролата било констатирано дека жигот поставен на овие дрва е фалсификуван.

На 10.10.2023, екипа од ОВР Радовиш, во содејство со Државен инспектор за шумарство и ловство, вработени во Шумска полиција Радовиш и ЈП „Национални шуми“ Радовиш на место викано „Враштица“, во близина на село Дамјан, радовишко, пронашле 70 метри кубни огревни дрва, означени со фалсификуваниот жиг. Исто така, државен инспектор за шумарство и ловство констатирал дека дрвата биле бесправно исечени од три катастарски парцели во државна сопственост.
При преглед над Е.Г. биле пронајдени повеќе испратници, кои претходно му биле издавани од вработени во ЈП „Национални шуми“ за транспорт на дрва кои легално биле исечени од приватни шуми. Ваквите испратници, означени со оригинален жиг, Е.Г. ги преправал и ги користел при превоз на бесправно исечените огревните дрва.

Пронајдените дрва, од вработени во Шумска полиција се одземени и пренесени во кругот на ЈП „Национални шуми“ Радовиш.
Е.Г. бил задржан во Полициската станица Радовиш, запознаен е Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.