25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Денес патриотизам значи македонскиот дом да го прошириме во европскиот дом

„Денес, патриотизам значи македонскиот дом да го прошириме во европскиот дом. За никој, никогаш повеќе да не биде принуден да зема пасоши на други земји или да ја бара својата егзистенција надвор, во несигурност, по светот. Антиевропската агенда е спротивно на она што значи патриотизам денес. Патриотизмот што значи да си ја сакаш татковината и да вложуваш во нејзиниот развој“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод празникот 11 Октомври – Ден на востанието; 11 Октомври на Плато Спомен Костурница во Куманово.

Тој додаде дека токму антиевропската агенда води кон живот надвор, во туѓина и дека води кон Македонија без луѓе, и нагласи само тоа значи закана за македонската држава, македонскиот јазик и македонскиот идентитет и затоа антиевропската агенда е антимакедонска агенда.

„Во 2023 година, во цивилизациски напредниот 21-ви век, современа, демократска, мултиетничка, напредна Република Северна Македонија, полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО, држава која почна преговори со ЕУ и идна членка на Европската Унија – некој, со антиевропската агенда, се обидува да ја врати во мрачното и мачно минато, кое е надминато“, потенцираше Ковачевски.

Тој додаде дека членството во Европската Унија го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот. Таков е случајот со сите европски народи. Така ќе биде потврден, зацврстен, унапреден – со тоа и заштитен трајно и македонскиот идентитет во европски и светски рамки.

„И затоа, ние, генерациите на денешнината имаме обврска да се справиме со антиевропската и антимакедонска агенда – од каде и да доаѓа таа. И тоа ќе го направиме со нови мудри одлуки, како и досега, коишто отвораат перспективи и овозможуваат напредок на граѓаните и државата“, заклучи Ковачевски.