15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Антиевропската агенда е антимакедонска

„Сиот прогрес што е направен до денес – е одраз на нашиот непокор и слободата на избор“, оцени претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во обраќањето во чест на денешниот голем државен празник 11 Октомври – Ден на народното востание.

Порача дека: „На ова македонско парче земја никогаш не се бегало – ни од пламен, ни од окупатори, ни од одлуки“. Дека: „Со достоиствениот пркос кон предизвиците, да се гледа и чекори напред и да се мисли на иднината и на следните генерации и кога е најтешко добиена е антифашистичката борба и со неа битката за македонската државност“.

Посочи и на успехот во зачленувањето во НАТО и започнатите преговори со ЕУ, со поставување на македонскиот јазик на рамноправно рамниште со сите официјални европски јазици, по патот зацртан од дамнина.

„И правецот е повторно тој и денес во остварувањето на стратешките национални и државни цели!“, порача премиерот Ковачевски.

„Денес, кога имаме своја македонска држава, потврдена и признаена во Европа и светот, во којашто говориме на својот мајчин македонски јазик, потврден и признаен во Европа и во светот – нашата современа битка е да не дозволиме ничии лични, партиски или други агенди, нечии туѓи цели, да ни го попречат европскиот пат. Нашата современа битка денес е да ги донесеме европските и светски вредносни стандарди – дома, што ги очекуваат македонските граѓани, а посебно младите генерации. Затоа што тие ќе осигураат животен стандард и семејни буџети на европско ниво; продуктивно образование, модерно здравство, функционално владеењето на правото, конкурентност на пазарот на трудот. Ќе поттикнат мотивација. Ќе донесат спокој и среќа. Пред нас е предизвикот – младите да ги сочуваме во земјата. Нашите деца, младите луѓе – тие се иднината на државата. Тие ќе останат во родната земја, ако во неа ја гледаат својата иднина“, констатираше премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата посочи дека „ денес, патриотизам значи македонскиот дом да го прошириме во европскиот дом, за никој, никогаш повеќе да не биде принуден да зема пасоши на други земји или да ја бара својата егзистенција надвор, во несигурност, по светот“ и повика на справување со антиевропската агенда, како антимакедонска агенда.

„Антиевропската агенда е спротивно на она што значи патриотизам денес – да си ја сакаш татковината и да вложуваш во нејзиниот развој. Затоа што токму антиевропската агенда води кон живот надвор, во туѓина – води кон Македонија без луѓе. А само тоа значи закана за македонската држава, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. И затоа антиевропската агенда е антимакедонска агенда. Тоа што не успеало за време на илинденското востание во 1903, во НОБ од 1941 до 1944, потоа и за време на распадот на Југославија и во предизвиците на изградбата на државата по прогласената независност во 1991 година – не смееме да дозволиме да се случи денес.

Во 2023 година, во цивилизациски напредниот 21-ви век, современа, демократска, мултиетничка, напредна Република Северна Македонија, полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО, држава која почна преговори со ЕУ и идна членка на Европската Унија – некој, со антиевропската агенда, се обидува да ја врати во мрачното и мачно минато, кое е надминато.

Ова не е битка со оружје и на бојни полиња, како партизанските и револуционерните борби. Но е, уште една серозна и важна битка што ние мораме да ја добиеме. И со тоа ќе се осигураме никој никогаш да не може да ги користи македонските идентитетски прашања, за свои или нечии туѓи цели“, порача премиерот Ковачевски.

Членството во Европската Унија, како што посочи премиерот Ковачевски, го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот. Таков е случајот со сите европски народи и така ќе биде потврден, зацврстен, унапреден – со тоа и заштитен трајно и македонскиот идентитет во европски и светски рамки.

„Еднаш освоената слобода и еднаш создадената држава – се чуваат и штитат засекогаш. И затоа, ние, генерациите на денешнината имаме обврска да се справиме со антиевропската и антимакедонска агенда – од каде и да доаѓа таа. И тоа ќе го направиме со нови мудри одлуки, како и досега, коишто отвораат перспективи и овозможуваат напредок на граѓаните и државата“, рече премиерот Ковачевски.

„Ако некој мисли дека покрај големото, драгоцено историско искуство, може, со било што, да ја разниша самодовербата на македонскиот народ, наметувајки му чувство на жртва, ставајки го во улога на постојано онеправден и зависен од волјата на други и во изолација – сакам да порачам, дека – многу згрешил во проценките!

Неправди имало и ќе има – и тоа насекаде во светот. Но, македонскиот народ, сите граѓани на нашата држава, секогаш по слободна волја избирал непокор. И никогаш не сме дозволиле перспективите на државата да зависат од други. Преземал акција, по цена на какви било жртви. И успевал!“, посочи премиерот Ковачевски.

„И ваквите примери мора да бидат пред нас, во одлуките што треба да ги носиме и во претстојниот период“, порача премиерот.

Претседателот на Владата, Ковачевски, го нагласи дека значењето на заедништвото, во развојот на Република Северна Македонија по вистинскиот пат, според потребите на граѓаните, според модерните текови и во блиско пријателство со нашите стратешки партнери САД, државите членки на ЕУ и на НАТО, од коишто имаме силна поддршка за натамошниот развој, како никогаш досега.

„Земјата веќе ја развиваме како заедничка држава на рамноправни народи: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други кои тука живеат, како принцип востановен уште за време на Крушевската Република и АСНОМ и како принцип по којшто функционира и самата Европска Унија. Предничиме и во регионот, па дури и во Европа, по почитувањето на различностите и по почитувањето на човековите права, затоа што историјата ни ја има покажано предноста на заедништвото. И со тоа што ќе ја зајакнеме меѓуетничката инклузија, ние ќе излеземе само посилни, затоа што засекогаш ќе го разграничиме македонскиот идентитет од кој било друг идентитет. А тоа, како што оценуваат и нашите големи пријатели, САД, не е излез за патот кон ЕУ, туку е врата за влез во Европската Унија, каде се гледа големо мнозинство граѓани во нашата држава“, рече премиерот Ковачевски.

Дешниот голем државен празник, 11 Октомври, како што рече премиерот, ја потврдува вредноста на заедништвото што го воспоставивме. Оцени дека „наспроти овој темел на парламентарната демократија е опасноста што ја носат, за жал сè уште присутните идеи за етнонационализам, придружени со ксенофобија, што во светската современа историска наука се квалификуваат како модерна форма на фашизам“. И порача дека „ние тоа зло во современо пакување имаме обврска да го спречиме да се врати“.

„Нашиот пат до извојуваната слобода и напредокот е обоен во црвено. И тоа е свет аманет и аларм за сите и сегашни и идни водства на државата. Лидерството, предводи по патот – не бега од одлуки и не тактизира со оправдувања! И јас како премиер и ние како Влада, ќе продолжиме, заедно со сите вас, непокорно да чекориме по патот на прогресот. И знам дека и овој пат, повторно заедно, ќе успееме“, порача премиерот Димитар Ковачевски од Куманово, каде пред меморијалниот споменик Спомен Костурница, вечно почивалиште на стотици борци, заедно со претставници од Владата, оддаде почит на сите борци низ државата, кои ги положиле животите во непокорот кон фашистичкот окупатор и во борбата за слобода и кои го трасираа патот на македонскиот напредок.