24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски во интервју за 360 на МТВ: Поддржувам секогаш отвореност за соработка со сите кои ги споделуваат истите вредности како што ги споделува СДСМ

Во интервју за 360 на МТВ запрашан за политичките амбиции, министерот Спасовски рече дека како министер за внатрешни работи од првиот момент до денес нему му е најважно сето она што претставува реализација на проект, политики или реформи во МВР – да се заврши до крај, поради што целосно е посветен на тоа.
„Постојат низа предизвици, реализиравме многу проекти, завршивме многу процеси во делот на реформите, што сум особено горд, и сега и до крајот на годината практично ќе имаме уште многу такви активности, така што целата моја енергија е насочена кон она што е зацртано во рамки на МВР“, рече Спасовски.

Околу активностите на Спасовски и неговото присуство на бројни настани ширум државата, тој потсети дека од 2013 година редовно одговара на упатените покани и присуствува секаде каде што му дозволува дневната агенда, имајќи ја предвид важноста од комуникацијата со граѓаните, но и отвореноста во работењето на МВР, бидејќи тоа е и начин да јакне довербата во институцијата помеѓу граѓаните, а тоа најдобро се постигнува преку непосредни контакти.
„Сметам дека апсолутно секој носител на функција, секој министер од било кој ресор во Владата, треба да биде во постојана комуникација со граѓаните“, категоричен е Спасовски.

Во однос на шпекулациите во јавноста кои го поврзуваат Спасовски со позициите за кандидат за шеф на држава или лидер на партијата по изборите, тој повтори дека досега во повеќе наврати одговорил на овие шпекулации и тоа не е дебата што треба да се води во јавноста или преку медиумите, туку тогаш кога ќе дојде момент за разговор, местото за дискусија сигурно ќе биде партијата.

Запрашан за одредени битни личности од редовите на СДСМ кои денес не се ни дел од Владата ниту на раководни позиции во партијата, Спасовски со став: „Се согласувам дека не е логично тие луѓе да не се на одредени позиции, јас тоа сум го кажувал отворено јавно при нашите состаноци, на извршни и централни одбори“, додавајќи дека ни тој не е дел од актуелното раководството на СДСМ, по заминувањето на претседателот Заев и тогашното раководство.

„Јас поддржувам секогаш отвореност за соработка со сите кои ги споделуваат истите вредности како што ги споделува СДСМ. Во политиката никогаш нема точка, секогаш има запирка. За доброто и интересот на идејата може да се разговара со секого, ако се најдеме на иста фреквенција“, порача Спасовски, со јасен став дека вратата треба да биде отворена за секој еден, ама соработката да се базира на вредности и принципи…