24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски во 360 на МТВ за претстојните избори: Патот по којшто се движиме, извесноста која ја нудиме кај граѓаните – немаат алтернатива во овој момент

Една од темите во текот на интервјуто на министерот Оливер Спасовски за 360 степени на МТВ беа претстојните избори. Запрашан околу можните постизборни комбинаторики, Спасовски со одговор дека не сака да разговара на претпоставени прашања, особено што ова се прашања за кои треба да се разговара во органите на партијата, односно партијата да донесе одлука за настапот на СДСМ, а не станува збор за ексклузивно право на ниту еден поединец како член на партијата.
„Ние имаме и претседател и раководство. Сега единственото прашање за кое разговараме се претстојните избори. Како успешно да ги завршиме проектите дотогаш и како успешно да настапиме на изборите“, рече Спасовски, при што околу евентуалното поклопување на терминот на претседателските и парламентарните избори додаде дека неговото размислување е дека е подобро изборите да бидат одвоени, прво претседателски, па потоа парламентарни, иако и тоа треба да е резултат на квалитетна анализа во насока што би било најдобро за државата.
Запрашан дали верува дека СДСМ е можно да победи или барем да формира Влада, Спасовски истакна: „Секако дека верувам, заради тоа што сметам дека пред сѐ, целта која ја имаме, патот по којшто се движиме, извесноста која ја нудиме кај граѓаните – немаат алтернатива во овој момент. Од другата страна немаме ништо освен кочење на евроинтеграцискиот процес, немање ставови за многу прашања од витален интерес за државата, целокупниот европски фронт, огромното мнозинство граѓани кои посакуваат движење на државата по тој европски пат, се адути кои сметам дека СДСМ треба да ги искористи на најдобар можен начин“.
Во однос на Европскиот фронт, тој појасни дека во него не ги гледа само политичките партии, туку смета на обединување на личности, структури граѓани кои го поддржуваат тој пат.

„Мислам дека детална анализа треба да покаже што е потребно да се направи, дали да се оди со заеднички листи или, би рекол, во две линии кои би биле дел од истиот фронт, па да видиме што е тоа што на крајот би дало подобар резултат“, подвлече Спасовски.