18.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шест активни пожари, викендов вкупно 116 на отворен простор

Состојбата со пожарите на отворен простор е исклучително алармантна. Само во текот на вчерашниот ден имаше 60 пожари, извести директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

„И покрај вчерашното интезивно гаснење, 6 пожари на отворено гореа во текот на целата ноќ и сѐ уште се активни. Во текот на викендот, почнувајќи од петокот, заедно со сабота и недела, имаше вкупно 116 пожари на отворен простор. Во текот на септември се регистрирани вкупно 778 пожари на отворен простор, од кои 43 се гаснети со летала“, вели Ангелов.

Тој апелира до сите земјоделци да не ги палат стрништата, а сточарите пасиштата.

„Сериозни врнежи нема подолго време и воедно не се очекуваат во следните десетина дена, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури сѐ уште се високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крајот на силите“, рече0 директорот на ЦУК.

Ангелов апелира и сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна поддршка тогаш кога се исцрпени сите други множности.

„Пожари не се гаснат од воздух со ‘ер трактори’ и хеликоптери без подршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма. ЦУК ја проценува неопходноста од употреба на авиони, а доколку се употребат, ги координира. Бројот на авиони е ограничен, а бројот на пожари секој ден е огромен“, соопшти Ангелов.

Во моментот има шест активни пожари, од кои четири се поголеми и поопасни. До вечер ќе станат многу повеќе. Напоменувам дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар, кој ги загрозува човечките животи, здравјеот и имотот, додава тој.