15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски смета дека е фер листата на производи со покачено ДДВ: „Тие се сметаат за неосновни, дел не се здрави за населението“

Премиерот Димитар Ковачевски, ја оцени како фер и добро решение листата на производи со покачено ДДВ од 10 отсто, коментирајќи дека тоа е повластена стапка со оглед на тоа што основната изнесува 18 проценти.

Повтори дека Македонија има најниска стапка на ДДВ во споредба со земјите од регионот, а при носењето на листата консултирани биле и стопанските комори и заинтересираните страни.

„На листата на производи со повластена стапка, Северна Македонија има најголема стапка на производи со 5 проценти – 1.600 производи. Сите тие се осносвни производи кои се користат во најголеми количини. Има одреден број производи кои исто се на овластена стапка од 10 проценти, бидејќи да не заборавиме основна стапка на ДДВ е 18 проценти. Листата на производи кои се сметаат за луксузни е листа на производи кои се сметаат за неосновни, во најголем дел во домаќинствата. Дел од нив кои не се толку здрави за населението како што е чипсот и други за кои секој ќе ви каже дека не е добро да се дел од основата исхрана, исто така се наоѓаат на повластена стапка од 10 проценти. Сметаме дека тоа е фер листа“, рече Ковачевски.

Прашан од новинарите за бебешката храна, Ковачевски рече дека таа е на листата на пет проценти, а истотака намалени се и хигиенските производи што ги користат жените во државата.

Одговарајќи на прашање зошто имаме високи цени на производите во продавниците, Ковачевски рече дека постои разлика од откупните до малопродажните цени, па затоа биле донесени мерките со гарантирана цена кои овозможиле, како што тврди, и до 40 отсто намалување на одредени производи.

„Ние како држава имаме систем на субвенционирани производи. Но тие производи во добар дел завршуваат на странскиот пазар оти таму имаат повисока цена. Тоа значи дека кај нас храната е поевтина. Бидејќи не можеме да забрануваме увоз и извоз, се направи оваа мерка со која нашето производство кое се извезува ќе може да биде конкурентно со она кое што се увезува. Одредени царински стапки кои постоеја и постојат се царинат со 65 проценти давачки кога влегуваат во државата“, рече Ковачевски.

Дополни и дека во финанална изработка е закон за спречување на нефер трговски практики. Ваков закон, вели Ковачевски, постои во ЕУ и се регулира целиот ланец на продажба од производител до малопродавач. Законот, како што кажа премиерот, ќе го регулира она што со години не било направено, а тоа е ланецот на продажба, сите маржи и дополнителни трошоци кои се додаваат и знаеа да ја зголемат цената и неколкукратно од она што продавачите го купуваат кај земјоделските производители.