25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЦУК: Изгаснат пожар кај Делчево што се закануваше да зафати голема површина квалитетна шума

Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово извести дека вчера имаше 33 пожари на отворен простор, од коишто беа активни уште пет.

Од тие активни пожари е изгаснат еден шумски што можеше да зафати поголема површина со квалитетна шума. Конкретно, утрово, е целосно изгаснат пожарот во атарот на селото Бигла, во Општина Делчево, од страна на екипи на ЈП „Национални Шуми“ – подружница „Голак“ од Делчево.

Согласно развојот на настаните за конкретниот шумски пожар, тој започнал во 00,30 часот – по полноќ, при што во почетокот горела ниска вегетација, мешана шума, а потоа и борова шума. Инаку, според првичните податоци била опожарена површина со борова шума од околу 10 декари.

„Се надеваме дека денешниот неделен ден нема да биде „огнена недела“ како што е денот недела во изминативе неколку последни викенди – со голема бројка пожари во земјава“, велат од ЦУК.

Инаку, во насока за спречување на пожарите и навремено реагирање на субјектите од Системот а управување со кризи, ЦУК апелира до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено и ако забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот бесплатен број 112 – единствениот број за итни случаи во ЦУК. Истовремено е неминовно да се посочи дека за зголемувањето на јавната свест во општеството за превенција од пожари и реакција за нивно гаснење се евидентни големата улога и придонес на медиумите, што оваа тема, речиси секојдневно, ја актуелизираат во рамки на зголемување на безбедноста на граѓаните, а и за заштита и чување на природните и на материјалните добра во земјава.