Перките од ајкула станаа брашно, сирење, конзерви, детска храна, Ковачевски ги поскапе сите производи за да го полни буџетот за крадење. Владата лажеше кога велеше дека ставката на ДДВ од 10 % ќе биде само за луксузни производи, како перки од ајкула, наеднаш луксуз за оваа Влада станаа брашното, џигерот и сладоледот, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од партијата обвинуваат дека за власта богати се сите граѓани што јадат замрзнати теста, млечни и сирни намази, сирење и урда, зденка, пармезан, ајдемер и гауда-кашкавал, павлака за готвење, растителни сирења и намази, па затоа тие ќе треба да плаќаат по 10 отсто ДДВ за овие производи.
„Не знаеме како и лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортиљи и нудли станаа луксуз според Ковачевски, па народот ќе треба да ги плаќа поскапо.
Мизеријата на Владата оди до таму што поскапува и храната за децата – гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видови бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант-кафињата, наполитанките, црниот бибер, гумите за џвакање, најголем дел од зачините.
Ова е резултат на влада што изгубила допир со реалноста, ова е резултат на влада што се заборавила во крадење народни пари и заборавила како живее мнозинството од народот.
Потребни се промени. Секој ден поминат со оваа власт е полош за Македонија“, се додава во партиското соопштение.