20.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

(Видео) Андева: За наставниот кадар, СДСМ обезбеди поголеми плати за 55 проценти и подобри услови за работа

Наставниците се учителите на нашите деца, на нашето потомство. Вие, наставниците, ја имате најубавата, најблагородната и најодговорната професија што подразбира посветеност и пожртвуваност со цел квалитетно и континуирано образование на нашите деца. Младата личност се развива во возрасна, одговорна индивидуа токму заради вашата посветеност. Вие сте ментори, пријатели, воспитувачи и дел од семејството на секое дете, истакна Марина Андева, претседателка на Комисија за образование на СДСМ.

„Секојдневно се соочувате со голем број предизвици меѓу кои и лажните вести, дезинформации и шпекулации поврзани со вашата работа и образовниот процес. Но, бидете и понатаму одговорни и доследни и продолжете на учениците да им ја пренесувате способноста да пишуваат и комуницираат со разбирање на информациите, но и да создаваат критичко мислење, да проценуваат како информациите се создадени и со која цел.

Вашата професија треба да се негува, да се чува и почитува. Затоа наставниците треба да бидат соодветно мотивирани и вреднувани. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во своето делување се залага за вложување во професионалниот развој и пријатна работна средина на наставниците. Се инвестира во подобрени услови за настава и континуирани обуки. Со укинувањето на екстерното тестирање ги ослободивме наставниците од стресни ситуации кои во голема мера влијаеја на нивната работна средина. Укинувајќи го хартиениот дневник, се намали педагошката администрација и со тоа овозможивме повеќе време на наставниците за креирање на успешни наставни часови. Обезбедивме со закон кариерно напредување и зголемување на коефициентот на плати, а со тоа се обезбеди квалитетно менторирање на новите наставници-приправници“, потенцира Андева.

Додаде дека се подготви и целосно поддржа од страна на СДСМ нов Закон за наставници и стручни соработници во основното и средното образование уште во 2021 година, но оттогаш ДПМНЕ го блокира законскиот текст во собраниска процедура на Комисијата за образование, наука и спорт и со тоа ги остава наставниците и стручните соработници без квалитетен закон со кој се гарантира социјално – економската положба на сите вработени во основното и средното образование.

Платата на наставниот кадар за повеќе од 6 години владеење на СДСМ се покачи за 55 %. Наставниците мора да бидат соодветно вреднувани за својата одговорна работа, па затоа СДСМ се залага и ќе се залага да се воспостави правилен систем за вреднување.

Во секој нов Буџет се зголемуваат средствата за Буџет за образование, блок- дотации и капитални инвестиции, нагласи Андева.