24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Костадиновска-Стојчевска: Драмски со „РУТА“ е уште еден мост за поврзување на регионот

Со домашна премиера, претстава на скопскиот Драмски театар, започна второто издание на регионалниот театарски фестивал „РУТА“ во земјава.

„Фирма“, по текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг и во режија на Нела Витошевиќ, со одбрана актерска екипа, е првата претстава на фестивалот кој го поврзува театарскиот живот на регионот.

На отворањето на неколкудневниот тетарски празник во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги поздрави актерите и гостите од сцената на Драмски, која, како што рече, буди посебна емоција, и додаде дека преку театарот, уметниците успеаја да го подигнат и да го одржат мостот наречен „РУТА“.

– Ви благодарам што давајќи дел од себе нè опоменувате и нè потсетувате на последиците од алчноста, од отуѓеноста, од кусогледоста, од непромисленоста. Нè потсетувате на повторливоста на смртоносните пандемии, на бавното ослободување на жената, на еволутивните слабости на човештвото.

Вашата улога, веројатно, најдобро ја опиша уникатниот режисер Јагош Марковиќ, кој, за жал, веќе не е меѓу нас: „Мораме да сведочиме. Мораме едни на други да кажеме – за да не помислиме дека сè е во ред“ – рече Костадиновска-Стојчевска.
Заблагодарувајќи се за гостувањето на сите ансамбли на ова издание на фестивалот „РУТА“, министерката Костадиновска-Стојчевска ги покани театрите од регионот со посебно внимание да се вклучат, преку „РУТА“, и во 2028 г., кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата.

– Регионот му е потребен на Скопје. Скопје му е потребно на регионот – рече Костадиновска-Стојчевска.

Фестивалот продолжува со „Декамерон“ на Градско позориште од Подгорица во копродукција со Народно позориште од Ниш, на режисерот Пројковски и со „Нора“ на Местно гледалишче од Љубљана, Словенија, во режија на Нела Витошевиќ. Потоа следуваат: „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево во режија на Дино Мустафиќ и „Самрак на боговите“ на Београдско драмско позориште во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.

Со претставата „Отело“, пак, театарот Улисис од Хрватска го затвора фестивалот „РУТА“ в недела (8 октомври). Режијата е на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на Улисис, е направена и со членовите на Сараевски ратни театар од Сараево.