22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: За линеарно покачување на пензиите повеќе нема да се разговара, легитимно е да се протестира

Пензионерите имаат демократско право да протестираат, но за линеарно покачување на пензиите повеќе со нив нема да се разговара, рече денес министерката за труд и социјална политика, Јована Транчевска. Работна група подготвува нова мерка за подобрување на стандардот на пензионерите, но ќе се однесува на оние со најниски пензии.

„Во овие мерки нема линеарно зголемување на пензиите затоа што линеарното зголемување не оди во прилог на пензионерите, на сите пензионери. Со новата методологија, само за една и пол година најниската пензија е покачена речиси 3.200 денари, а во согласност со растот на пензиите и натаму ќе се применува новата методологија и ќе се оди со она што ни е законско решение сега во моментот. Ќе имаме мерки што ќе значат дополнителен приход, финансиска поддршка на пензионерите, меѓутоа ќе бидат опфатени оние пензионери што се со ниски пензии и кои се во најранливата категорија“, рече министерката Тренчевска по посетата на градинката „Парк“, клон на „13 Ноември“.

Линеарно покачување на пензиите за справување со скапотијата беше едно од главните барања на пензионерите на протестите изминатиов период, но министерката вели дека за такво нешто повеќе нема да разговараат со нив, а нема да ги спречат да протестираат.

„Легитимно е да се протестира. Ова е демократска Влада и секако дека ќе продолжиме и понатаму да разговараме со пензионерите, меѓутоа не за линеарно покачување. Мораме како Влада и како Министерство да водиме сметка и за стабилноста на пензискиот систем. Секое нереално покачување на пензијата и секое нереално трошење на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување значи дека ќе ги доведеме во несигурност исплатата на пензиите на сите 336.000 пензионери“, рече министерката Тренчевска.

Таа потсети дека од 2017 година работат на намалување на дефицитот на Фондот за пензиско осигурување за да не се наруши неговата стабилност. Од 2017 година кога дефицитот изнесувал 47 %, успеале да го намалат на 33 %, колку што изнесува сега.

Покачувањето на пензијата, која беше исплатена вчера, од 5,3 %, всушност значи реално зголемување од 700 до 1.000 денари за пензионерите, кое е далеку од доволно за да се ублажат енормно зголемените цени на производите. Министерката Тренчевска е согласна дека пензиите, особено најниските, не се доволни, но вели дека секоја финансиска поддршка треба внимателно да се креира за да не се нарушат стабилноста на пензискиот систем и редовната исплата на пензионерите.

„Не велам дека ниските пензии се доволни, меѓутоа со финансиска поддршка, без да се доведе во прашање стабилноста на пензискиот систем, ќе креираме мерки со кои ќе донесеме повеќе средства на трансакциските сметки на пензионерите, особено на оние со ниски пензии. Методологијата дава одлични резултати затоа што од 1 јануари 2022 година, кога минималната пензија беше 10.487 денари, вчера најниската пензија се исплати во висина од 13.200 денари. Значи, пензијата е зголемена повеќе од 3.000 денари само за една и пол година. Зборувам за оние наши граѓани што имаат стаж од 15 години, а знаеме дека пензиите се економска категорија, колку вложуваме во текот на нашиот работен век и должината на работниот стаж, толку добиваме како пензионери“, рече министерката Тренчевска.

Извештајот на работната група со нови мерки за подобрување на стандардот на пензионерите министерката Тренчевска очекува да бидат доставени до крајот на оваа недела за потоа да стигнат на седница на Владата.