Оваа среда, во 19 часот во Филхармонија Кафе Бар во Скопје, Коста Петров ќе ја промовира својата шеста книга „Сè што би сакал да знаев порано“ и прва детска сликовница „ЈАС и ТИ: Како ЈАС стана суперхерој“. Непосредно пред промоцијата разговаравме со Коста за инспирацијата за неговата нова книга, како се роди идејата за детска сликовница но и кои верувања и искуства го промениле и го направиле човекот што е денес.
Велите, имат чувство како „Сè што би сакал да знаев порано“ да е ваша прва книга. Како се роди идејата за оваа книга?
Искрено, година и пол не сакав да имам ништо со моите книги. Дури и престанав да постирам за нив на друштвените мрежи. Некако сакав да одморам од сè. Имав чувство како цел живот да правам нешто за другите и ми требаше време да се фокусирам малку на себе, на своите мисли, на своите стравови и верувања. Имав еден период на самоизолација кој ми помогна навистина да се исчистам од некои верувања што сум ги носел со себе со години. Кога заврши тој процес, имав чувство како повторно да почнувам да живеам. Тогаш всушност и ми се роди идејата околу новата книга.
Во тој период на изолација сфатив дека многу од работите што сум ги правел во животот, не сум ги правел за себе туку да го задоволам детето во себе. Работејќи на своите соништа, престанав да живеам во сегашноста. Се фокусирав само на иднината а мечтаев по минатото. Крајно време беше да го остранам товарот што сум го носел во себе со години и во следното поглавје од мојот живот да влезам со фокус на сега, на овој момент. Тоа е всушност и главната тема на книгата. Дефинирање на тоа кои верувања се навистина наши а кои ни се наметнати.
Колку време ви беше потребно да ја напишете книгата, земајќи во предвид дека таа има 40 поглавја?
Јас имам интересен начин на пишување на книга. Јас најпрвин ја пишувам во глава. Сакам точно во својата глава да имам дефнирано, како ќе започне книгата, кои ќе бидат поглавјата, како ќе заврши и како ќе изгледа насловната. Е овој процес е тежок. И за овој процес ми се потребни месеци. Но, кога ќе заврши тој процес на визуелизација започнува процесот на манифестација. Книгава ја напишав за време на продолжениот викенд за 2 август. Не се тргнав од лаптоп четири дена и кога ја завршив книгата веднаш знаев, тоа е тоа.
Кое поглавје ви беше најтешко за пишување?
Секое поглавје со себе носеше некоја тежина. Мене најголем проблем при пишувањето ми е тоа што некогаш мислам дека премногу се соголувам. Ќе напишам нешто и ќе си кажам, ама да не пишувам премногу за ова. Кого го интересира што сум преживеал, доживеал, научил? Тоа е тој негативен глас во главата што всушност цел живот не кочи во сè што правиме. Потоа доаѓа позитивниот глас, кој ми вели, напиши тоа што ти лежи на душа, кој сфати сфати.
Најтешко за пишување ми беше поглавјето за простувањето себеси. Некако иако мислев дека сум си простил себеси за некои направени грешки од минатото, кога го пишував ова поглавје сèуште во себе чувствував некој неопислив товар. Нас цел живот не учат како да им простиме на другите и лесно е да им простиш на другите. Најтешко е да си простиш самиот на себе. Но сè во животот е процес. Дури кога го завршив поглавјето, дури тогаш го добив она чувство на самољубов. Чувството дека во ред е да се направат грешки. Сите правиме грешки и тие грешки не треба да не дефинираат. Претежок товар е да го живееме животот со грешките од минатото.
Дали ова значи дека жалите за некои работи од минатото?
Не, не жалам за ништо. Секоја моја одлука во моментот кога била донесена била вистинска одлука. Во животот сите ние живееме различни верзии од самите себе и треба да се научиме да ги прифатиме сите наши верзии. И оние кои ни носат радост, и оние кои ни носат тага. Кога ќе ги прифатиме сите свои верзии, тогаш всушност започнува и процесот на самоприфаќање и самољубов.
Во книгата имате едно интересно поглавје чиј наслов е „Некогаш е подобро да ги разочараш другите отколу себе“. Дали сметате дека многупати одлуките што ги носиме во животот се за другите а не за самите себе?
Па да, ние сме така програмирани од мали, за жал. Да бараме одобрување од другите, да бидеме како другите. Живееме во опшество каде фокусот константо е на тоа што ќе кажат другите. И тоа е во ред, не осудувам никого. Секој си го живее животот како што сака да си го живее. Јас лично, веќе бев преморен од очекувања на другите за мене. Преморен бев од животот во кој се потресував што ќе кажат другите за мене. Речиси цел живот го поминав живеејќи според очекувањата од другите. И доста беше веќе. Сега сакам јас да живеам. Сега е мое време. И можеби некои мои одлуки и размислувања нема да им се допаднат на другите и тоа е во ред. Како што кажав, секој има свое мислење. Моето мислење за самиот себе е многу поважно од тоа што ќе кажат и мислат другите. Јас треба да живеам со сопствените мисли во глава. Не другите.
Во книгата велите дека среќата е во малите нешта. За човек што има толку многу постигнато во животот и цело време зборувал за тоа дека треба да сонуваме големи соништа и да работиме секојдневно на нив, тешко е да се прифати тоа дека среќата е во малите нешта.
Па искрено и мене ми беше тешко да го прифатам тоа. Јас бев програмиран да имам големи холивудски соништа. Кај мене во животот немаше никогаш ништо едноставно. Јас секогаш сакав се да биде најголемо и најдобро. Јас никогаш не сакав само да се наптреварувам. Јас секогаш сакав да победам. И супер било тоа во одреден дел од мојот живот. Сега е поинаку. Сега веќе не сакам да сонувам. Сега сакам да живеам. Сакам да уживам во овој миг, сега. Отворен сум за сите животни можности но најважен ми е овој момент сега. И среќата е тука, во овој момент. Таа не е некаде во иднината, или изгубена во минатото. Среќата е насекаде околу нас.
„ЈАС и ТИ: Како ЈАС стана суперхерој“ е насловот на детската сликовница, која всушност е адаптација на вашата најнова книга. Што ве мотивираше да се префрлите на литературата за деца?
Отсекогаш сум сакал да напишам книга за деца но моите мисли отсекогаш биле прекомплицирани. Не сум можел да ја преточам сета конфузија во мојата глава во една реченица. Дури откока измина сиот овој период на чистење на душевниот товар, дури тогаш за првпат во животот имав можност да почувствувам што значи да имаш чиста мисла во глава. И други тогаш, ја добив мотивацијата да ја напишам сликовницата. Се разбудив едно утро во 4 часот и за 20 минути ја напишав приказната за ЈАС и ТИ.
Можете ли да ни дадете краток преглед на приказната и нејзината главна порака?
Ова е книга за сите работи што би сакал некој мене да ми ги кажеше кога бев дете. Суперхеројот е во секој од нас, само треба да го пронајдеме. Тој не е некоја фигура надвор од нас со некакви нереални моќи. Не, суперхеројот живее во нас. Тој сака да ни помогне. Тој ни овозможува да ја пронајдеме нашата најдобра верзија. Само треба да веруваме во него.
Можете ли да го опишете процесот на креирање на книга за деца, од првичната идеја до готовиот производ и какви било предизвици на кои наидовте на патот?
Пишувањето на детска сликовница е колаборативен процес и всушност целиот процес на креирање на сликовницата започнува по мојата точка. Кога пишувам книга, ја ставам последната точка, книгата оди на лектура и тоа е тоа. Но, детските сликовници се малку покомплицирани. Освен добар наратив, потребни се и одлични илустрации. Јас сум пресреќен што ја пронајдов Љупка Стојкова која е можеби една од најдобрите илустраторки кај нас. Јас сум многу визуелен човек и точно знаев во глава како сакав да ми изгледа сликовницата. Љупка како да ми влезе во глава и точно, до детал, ги наслика ликовите како што ги замислував. Едвај чекам да ја споделам сликовницата со публиката.
Пишување книги, сликовници, имате и поткаст а и сопственик сте на креативната агенција Пи Ворлд. Што следно да очекуваме од Коста Петров?
Немам никакви планови освен да го живеам сегашниот миг. Доста ми беше од планирање во животот. Го поминав животот мечатејќи по некаква совршена иднина, со една нога закопан во минатото. Сакам да уживам со ова што го имам сега. Нема ништо подрагоцено од сегашниот миг.