24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Германија ја очекува Северна Македонија во ЕУ“ – Ковачевски се сретна со германскиот канцелар

Премиерот Димитар Ковачевски, имаше куса средба со германскиот канцелар, Олаф Шолц, во рамки на настанот за одбележување на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк.

Ковачевски му го честиташе на канцеларот Шолц јубилејното членство на Германија во ОН и големиот придонес што го дава Сојузна Република Германија во стабилноста и безбедноста на нашиот регион, Европа и светот.

Премиерот се заблагодари на канцеларот за соработката меѓу двете земји во рамките на Обединетите Нации, но и на билатерална основа во изминатите 30 години, што ја истакнува Германија како еднен од најблиските европски партнери на нашата земја.

На средбата е нагласено дека Германија ја очекува Северна Македонија во Европската Унија посочувајќи на фактот дека евроинтеграциите и европскиот пат се најдобрата и единствена алтернатива за земјата. Државничката одлука која треба да се донесе во периодот што претстои, е единствена шанса да се осигура квалитет на живот на македонските граѓани според европските стандарди и постигнување членство во ЕУ до 2030 година. Во спротивно, како што е оценето, македонските граѓани и државата е извесно дека ќе соочат со изолација на долг рок, што не од интерес ниту на Северна Македонија, ниту на регионот и Европа.

Ковачевски се заблагодари на канцеларот Шолц за огромната поддршка која ја добиваме од Германија во демократскиот, евроинтеграцискиот и економскиот развој на нашата земја. Истата е јасно пресликана и во усвоената резолуција од страна на германскиот Бундестаг со која се потврдува нашата заложба за забрзана евроинтеграција со потврдени и признати македонски јазик, култура и идентитет

„Ова е потврда за искреното разбирање што го има нашиот голем пријател, Сојузна Република Германија, за потребите и националните и стратешки интереси на македонските граѓани“, рече Ковачевски на средбата со канцеларот Шолц.