18.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(ВИДЕО) Османи: Опозицијата целосно ја партизира европската агенда

„Уставните измени се прашањето коешто ќе го откочи процесот, односно ќе го овозможи продолжувањето на патот кон ЕУ. Сметам дека сите треба пред граѓаните да излеземе и покажеме дали стоиме зад нивната волја да станеме членка на Европската унија“ – вели во ексклузивното интервју за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа – министерот за надворешни работи – Бујар Османи, што во целост ќе биде објавено утре, недела 17.9. 2023 г.

Тој истакнува дека опозицијата целосно ја партизира агендата, целосно ја става европската перспектива на државата во функција на наредните избори.

– Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес и затоа сметам дека треба пред граѓаните да излеземе со јасна порака. Дали поддржувате политички структури коишто сакаат државата да биде членка на Европската унија или тие што сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател и таму се зацртува една нова алтернатива на Европската унија? Затоа сметаме дека сега е време сите политички партии кои што се залагаат за ЕУ да бидат дело од Европски фронт. Останатите нека си направат свој фронт па да излеземе пред граѓаните и да бираат граѓаните. Дали сакаат Европска унија или ја сакаат таа коалиција којашто се сретна скоро во Русија, порачува министерот Османи.

Според него, Руската федерација не може да е алтернатива на Европската унија, затоа што не може да нуди алтернатива.

– Сте виделе ли некој да оди да работи или да бара школување во Русија?, прашува Османи.

„Одат во Европската унија, затоа што ние сме еден ист систем на вредности, ние географски, културолошки, економски, историски припаѓаме на оваа семејство, на вредности на ЕУ“, вели Османи.

Извор: Civilmedia.mk