16.8 C
Скопје
16. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски за „Фокус“: Одлуката за уставните измени е одлука за отворање на перспективите на државата кон ЕУ, да промовираме демократско и високосвесно размислување

Една од темите на кои министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски разговараше во интервјуто дадено за неделникот „Фокус“ беа уставните измени за кои сѐ уште нема  двотретинско мнозинство. На прашањето дали политичките партии ќе се договараат зад затворени врати во насока на откочување на процесот, иако сите декларативно се за ЕУ, Спасовски со одговор:

„Декларативниот став дека сите сме за ЕУ треба да биде артикулиран низ политичките одлуки кои се носат во Собранието. И треба да се искористат сите дозволени ефикасни демократски механизми за да се дојде до двотретинско мнозинство. Јас сметам дека одговорноста на политичарите треба да биде на едно многу повисоко ниво од претходно, затоа што застојот на државата во евроинтеграциските процеси ќе биде сериозен проблем за граѓаните и тоа треба да биде основата какви одлуки ќе носите или за што тоа го правите во одреден момент. Апсолутно легитимно е да се разговара со политичките субјекти“.

Во однос на можното решение, тој објасни дека тоа е политичкиот дијалог, преку изнесување на аргументи кои се сериозни, и во прилог на уставните измени, и во прилог на евроинтеграцискиот процес. Според него, одлуката за уставните измени не е само одлука за внесување на малцинствата во Уставот, туку одлука за отворање на перспективите на државата кон ЕУ.

На прашањето дали има непристојни понуди до пратениците, Спасовски категоричен: „Не, непристојните понуди се криминал! И тие непристојни понуди треба да бидат процесуирани. Јас зборувам за политички дијалог, не за непристојни понуди. Непристојни понуди од било кој аспект, па и во политиката се криминал. Мислам дека не треба да ги промовираме непристојните понуди, туку треба да промовираме демократско и високосвесно размислување“.

Тој додаде дека меѓународниот фактор силно ја поддржува земјава во процесот не само на носење на уставните измени, туку целосно во процесот на отворање на преговори со Европската Унија.

„Низа процеси што поминаа, како потпишувањето на Договорот со Грција, со Бугарија итн., сето тоа бараше да имаме поддршка. Инаку ако немате поддршка од партнерите таму каде што сакате да бидете дел од тоа семејство, многу тешко се движат работите“, потсети Спасовски.

Запрашан за опцијата за предвремени избори, министерот Спасовски подвлече дека изборите во овој момент не се решение поради тоа што 2024 година е изборна година.

„Зошто би губеле време на изборни процеси кои ништо нема да донесат. Ништо нема да донесат ниту во овој момент, ниту по изборите. Важно е овој процес да го водиме, да ги отвориме перспективите и после тоа имаме изборна година во која ќе кажат граѓаните како треба и каде ја гледаат државата, кој е концептот кој треба да биде поддржан за да се оди напред“, порача Спасовски.