Во спорот помеѓу Скопје и Софија, испреплетените историски моменти и интерпретации ги засенуваат суштинските проблеми на граѓаните од двете страни на границата, смета политикологот Иво Ранѓеловиќ.
– Билатералните прашања се своевиден тест за две нации и нивниот политички капацитет во однос на надминување на недоразбирањата. Во случајот помеѓу официјално Скопје и Софија, испреплетените историски моменти и интерпретации ги засенуваат суштинските проблеми на граѓаните од двете страни на границата. Тоа остава простор за манипулација од страна на политичките елити и го оневозможува прогресот на граѓанството во секоја смисла, вели Ранѓеловиќ за „Фронтлајн“.
Според универзитетската професорка Ана Чупеска – државата во спорот со Бугарија првенствено треба да се фокусира во вредностите врзани за критериумите за членство во Европската Унија.
– Првенствено треба да се водиме од вредностите врзани за критериумите за членство. Тоа се воглавно копенхашките критериуми, и консеквентните на нив позиции на Советот. Мора да најдеме сила да продолжиме понатаму. Емоциите се моќно оружје во политичките кампањи , но не и најадекватно оружје. Рационализацијата на „неправдите” мора да ни биде водечки принцип, за да дојдеме до подобри политички решенија, во спротивно, со кукумјавчење нигде не можеме да стигнеме и ќе стоиме во место, изјави Чупеска за „Фронтлајн“.
Историчарот и политиколог Благојче Атанасоски потенцира дека македонските политички елити, треба да се фокусираат на исполнување на критериумите за полноправно членство во ЕУ.
– Односно, што ќе ни е членство во Унијата, ако ние не го реформираме нашиот севкупен институционален и општествен систем. Создавање на независна судска и обвинителска власт, професионална јавна администрација, квалитетно и европско здравство и образование. Со тоа ќе дојде и подигнување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните. Доколку ние влеземе по политичка одлука во ЕУ еден ден, како што стори Бугарија, ние ќе бидеме само формално-правно членки со балкански стандарди и тоа ќе создава дополнителни фрустрации. Колку повеќе нашата политика е фокусирана на историски прашања, водени од емоции и создавање на амбиент на предавници и патриоти во однос на споровите со нашите соседи, толку повеќе ќе ја губиме можноста за реформи во областите кои за нас значат квалитет на живот, нагласи Атанасоски.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор. ВМРО-ДПМНЕ беше против потпишувањето на овој Договор. Опозициската партија собираше и потписи, поднесувајќи иницијатива до законодавниот дом за задолжителен референдум на државно ниво за престанок на важењето на Договорот. Но, таа беше одбиена од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Од друга страна со прифаќањето на „францускиот предлог“, за кого имаше низа протести пред македонското Собрание и усвојувањето на преговарачката рамка во која се доби чисто именување на македонскиот јазик, без дополнителни фусноти, Северна Македонија ги отвори пристапните преговори со ЕУ минатото лето, откако делумно беше надмината блокадата со Бугарија. За да почне отворањето на поглавјата, Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Без уставните измени, Северна Македонија не може да ги почне преговорите за влез во Европската унија.
Извор: Frontline