16.8 C
Скопје
25. септември 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стратегија за транспарентност на Владата – визија за држава со култура на транспарентност и добро владеење за зголемена доверба на граѓаните

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, заедно со Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за добро владеење, организираа јавна расправа за Нацрт – Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија (2023- 2026 година).

„Кога ја креиравме нацрт-Стратегијата, водевме сметка да има континуитет. Направивме анализа од претходната Стратегија (2019-2023), да видиме што не е сработено и од кои причини, за да се надоврземе со новата и да продолжиме во континуитет, која ќе ги постави темелите на едно повисоко ниво на транспарентност. Убедена сум дека значително ќе се зајакне транспарентноста на институциите“, изјави вицепремиерката Грковска, во воведното обраќање.

„Со Стратегијата што денеска ја презентираме се дефинираат потребните процедури и стандарди за транспарентност и отчетност кренати на ниво кои ќе обезбеди соодветна одговорност и отчетност на сите јавни службеници и функционери пред граѓаните. Оваа Стратегија е усогласена со потребите на граѓаните и на институциите за проактивен и отворен систем и насочена е кон остварување на визијата Северна Македонија да биде држава со изградена култура на транспарентност, во која владеат стандарди на добро управување на институциите во извршната власт што придонесува кон зголемена доверба на граѓаните“, додаде Грковска.

Визијата по која се води Стратегијата е Северна Македонија да биде држава со изграден култура на транспарентност во која владеат стандарди на доброто управување во институциите на извршната власт, што ќе придонесат кон зголемена доверба на граѓаните.

Стратешките определби на во дадениот период се активна транспарентност, пристап до информации од јавен карактер, фискална транспарентност, отворени податоци и користење на податоците од јавен карактер, транспарентност при носење одлуки и транспарентност на процеси. Транспарентност на процеси се однесува на обезбедување интегритет и транспарентност при носење одлуки за кои раководното лице употребува дискрециона моќ или овластување. Со ова треба да се постигне стеснување на можноста за злоупотреба на дискреционите овластувања и поттикнување одговорност при нивно користење преку задолжителна отчетност и образложенија.

Стратегијата и Акцискиот план ја презентираа Наталија Шикова и Ирена Бојаџиевска, експертки за подготовка на нацрт-Стратегијата за транспарентност на Владата (2023-2026). Стратегијата и Акцискиот план можат да се најдат на ЕНЕР.

Денешната јавна расправа имаше цел за подобрување на стратешките определби за транспарентност.

Нацрт-текстот е резултат на работата на работната група за подготовка на Стратегијата за транспарентност составена од претставници на граѓанските организации, медиумски и академски претставници и институции, што е дел од поддршката која Фондација Метаморфозис ја дава во рамки на соработката со Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење и преку проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.