23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски по повод 32 години независност: Нема ништо посилно од волјата на народот кога е исправен пред историска одлука

Министерот за надворешни работи Оливер Спасовски го честиташе 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија и посака благосостојба и просперитет во годините што доаѓаат.

„Размислувајќи за иднината на нашата земја, не можам, а да не забележам дека нема ништо посилно од волјата на народот кога е исправен пред историска одлука. Таа силна волја да бидеме свои на своето, влече длабоки корени од Асномска Македонија, преплетувајќи се во храбрите и мудри одлуки на Првото заседание на АСНОМ. Таква, меѓу другите, е и одлуката за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, за што сведочат историските документите изложени во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце“, порача Спасовски.

Како што вели тој, токму заедништвото во одлуките се покажа и пред 32 години, кога на овој ден Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите, и сите други, преку референдум се одлучија за самостојна и суверена држава.

„Тогаш, првиот претседател Киро Глигоров подвлече дека суверена и самостојна Македонија е заеднички дом на сите конститутивни народи, кој во духот на Крушевскиот манифест, тежнее за достигнување на највисоките стандарди во меѓунационалните односи. Денес, пак, ние сме генерацијата која се бори за остварувањето на таа визија за европска Македонија, со решавање на отворените прашања со соседите, обезбедувајќи го клучот за влез во НАТО алијансата и отворање на ЕУ перспективите.

Нека значењето на овој ден повторно ја разгори жедта за обединување, чувствувајќи ги благодетите да бидеме онаму каде природно припаѓаме – бидејќи ние сме Европа и само како дел од неа сме свои на своето. Стремежот да сме дел од европското семејство е мерка за тоа како се сака државата, каква држава сакаме да им оставиме на идните генерации. Заедно сме на овој пат и заедно мора да го изодиме до крај, до полноправно членство во ЕУ, еднакви со сите останати.

Нека ни се вековити самостојноста и независноста на државата!
Да живее Република Северна Македонија“, додаде Спасовски.