Професорот по кривично право Гордан Калајџиев смета дека предложените измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за злоупотреба на службена должност и овластување, со член 353 и злосторничко здружување со член 394 од Кривичниот законик ќе овозможат почесто да се казнуваат оние кои ја злоупотребиле службената должност, отколку како сега кога има големи казни, а малку казнети.
-Подобро е да се осигура дека злоупотребите на службената должност ќе бидат почесто казнувани, отколку како сега, да биде казнет еден од сто функционери со драконска затворска казна, изјави Калајџиев за Слободен печат.
Тој објаснува дека одамна се води расправа за членот 353 од Кривичниот закон дали е преширок и дали правилно се толкува. Членот се толкува на начин дека ако настане штета, објаснува Калајџиев, дека тоа е корупција, а корупцијата е дејство за придобивање лична корист и дополнително, со прогласување на настаната штета без да се утврди надомесок за таа штета се промашува суштината на ова кривично дело.
– Ние одиме нагоре со казните, воведуваме повисоки затворски казни, а ефикасноста на казнената политика не ја постигнува целта и работи под притисок на јавноста. Не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Треба да е извесно дека ќе бидат фатени и казнети, како што е извесно дека пајакот ќе ви го собере неправилно паркираниот автомобил. Значи, за лукратвни, коруптивни дела против службената должност поважно е да има олеснет пристап до конфискација на имотот отколку висока затворска казна. Стравот од строга казна не го дава посакуваниот ефект, затоа што ако се казнува еден од 100 функционери, другите пак ќе ризикуваат во вакви околности, си велат зошто да не, голема е можноста да профитираат, а мала да ги казнат. Многу е подобро да имаме почесто казнување и олеснет пристап до проширена конфискација на имот, изјави професорот Калајџиев.