24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Конференција за родова еднаквост и јакнење на положбата на жените во Тетово во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ

Во рамките на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ, денес и утре, во Тетово, ќе се одржи првата конференција на ОБСЕ за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените, и тоа под наше водство и иницијатива како претседавачи.

Конференцијата ќе се одржи во просториите на Универзитетот на ЈИЕ и во хотелот „Меркур“ во Тетово, а официјалниот дел, кој ќе почне во 15 часот, ќе го отвори министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи. Воедно, свои обраќања ќе имаат и генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмид, претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ и сите шефови на автономните институции на ОБСЕ, извести Министерството за надворешни работи.

По официјалниот дел од конференцијата, ќе следува заедничка прес-конференција на Османи и Шмид, која ќе почне во 16.15 часот

Дводневниот настан предвидува три работни сесии и четири придружни панели, на кои официјални владини претставници, официјални претставници во рамките на ОБСЕ, значајни професори, истражувачи и познавачи на материјата ќе разменат мислења за особено важни теми, како жени, мир и безбедност: зајакнување на женското учество и лидерство; поврзаноста на родот и корупцијата и ублажување на ефектите од корупцијата врз жените; родовата еднаквост во политичкиот живот, успешните практики од теренот за родовите прашања, каде што голем придонес имаат мисиите на ОБСЕ и слично, соопшти МНР.

Оваа конференција се надоврзува на конференцијата „Жените во надворешната политика“, иницијатива на Министерството за надворешни работи, која почна да се одржува во 2021 година со цел да се зајакне улогата на жената во надворешната политика и да се подигне гласот за родова еднаквост.