6. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Со скандалот на Онкологија најбрутално се погазени човековите права, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Скандалот на Клиниката за онкологија не е од вчера. Се предупредуваше, но им требаше многу време на надлежните да реагираат. Пропустите и несоодветното работење на членовите на Владата на СДС и ДУИ имаат висока цена, цената се плаќа со човечки животи“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

„Со овој скандал најбрутално се погазени човековите права и вредности во здравствената заштита за чие спроведување, покрај ресорниот министер, директно се одговорни и првиот човек на Владата и Владата во целина. Зошто? Затоа што член 30 од Законот за Владата вели: ‘Владата врши надзор над работата на министерствата и другите органи на државната управа и управните организации’“.

Оттука, јасно е дека власта не презела ништо! Непостапувањето носи директна одговорност на Владата на СДС и ДУИ и на Димитар Ковачевски и одговорните за скандалот имаат име и презиме.

Или Ковачевски како премиер е лично одговорен, бидејќи не презел ништо, а во конкретниот случај е одговорен за работа на министрите за здравството.

Одговорни се Беким Сали и Фатмир Меџити. Одговорни се и Венко Филипче и Арбен Таравари.

Дополнително, постои сомнеж дека Обвинителството, предводено од Љубомир Јовески или Ислам Абази ,нема да спроведе ништо во насока на откривање на вистинските виновници. Или едниот чека власта да го избере за уставен судија, а на другиот целата јавност виде дека на врат му е цела партија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Одговорните имаат име и презиме!

Вклучените на кој било начин во овој мегаскандал треба да одговараат политички, но и кривично. Мора да има разрешница и да се стави крај на расипничкото владеење, кое чини човечки животи.

Овој скандал е уште еден показател дека што побргу треба да замине оваа одродена власт за да почне рестартирање на здравствениот систем!“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.