Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАвест

182ра седница на Владата

Од 182-та владина седница: Усвоена е Национална стратегија за лозарство и винарство за зголемена конкурентност на пазарите во земјава и странство; Прифатен е текст на Договор помеѓу Северна Македонија и Португалската Република за соработка во одбраната; Прифатен е текст на Договор помеѓу Советот на Европа и Министерството за култура со можности за финансиска поддршка на македонски продуценти и дистрибуција на домашни филмови во странство
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Националната стратегија за лозарство и винарство 2023-2033 година.

Овој стратешки документ, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има за цел подобрен индекс на квалитет на производството, воведување нови производствени технологии и современ пристап за промоција и маркетинг на крајните производи во и надвор од Република Северна Македонија на долгорочен план.

Основниот ефект кај сите чинители во вредносните ланци кај лозарството и винарството се очекува да биде зголемување на вредноста на крајниот производ, преку унапредување на работните процеси, оптимизација на трошоците и зголемувањето на квалитетот, што води до поголема конкурентност на производите на пазарот и поголем пазарен удел. Со тоа, оценето е дека би се зголемил вкупниот приход и профитот што го делат чинителите во ланецот.

Директни корисници на резултатите од активноста се сите чинители во вредносниот ланец на лозарство и винарство: лозари, откупувачи, преработувачи, логистички фирми задолжени за транспорт и дистрибутери. Индиректни корисници на резултатите од активноста се сите чинители во земјоделството и сродните индустрии. А новиот пристап во сферата на лозарството и винарството се проценува дека неминовно ќе значи и вовед кон унапредување на работењето на целиот земјоделски и преработувачки сектор.

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата за потпишување Договор помеѓу Република Северна Македонија и Португалската Република во врска со соработката во областа на одбраната и го прифати усогласениот текст на Договорот.

Целта на овој договор, според предлагачот, Министерството за одбрана е воспоставување рамка за одбранбена соработка помеѓу страните на договорот, во согласност со меѓународното право, националното право на страните потписнички, како и сите договори што страните ги имаат склучено.

Со овој договор, се утврдува и развива одбранбена соработка на билатерално ниво и во рамките на Северноатлантскиот договор, што овозможува континуитет и интензивирање на соработката во рамките на партнерството со Португалската Република, како на билатерален план, така и во НАТО и ЕУ контекст. Блиската воена соработка се очекува да придонесе кон зајакнување на колективни и индивидуални способности, безбедноста и интегритетот на териториите на страните и меѓународниот мир и стабилност.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за потребата од учество на Република Северна Македонија во пилот програмата за копродукција на сериска телевизиска програма на ЕУРИМАЖ и го прифати текстот на Договорот меѓу Советот на Европа и Министерството за култура на Северна Македонија за финансирање на проектот „Поддршка на програмата за телевизиски серии“.

ЕУРИМАЖ, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за култура, е фонд за културна поддршка на Советот на Европа, којшто е основан во 1989 година и во којшто членуваат 38 држави од 46 членки на Советот на Европа, вклучително и Kанада. Фондот промовира независно снимање филмови преку обезбедување финансиска поддршка за производство на долгометражен игран, анимиран и документарен филм. Вкупниот годишен буџет на ЕУРИМАЖ за оваа намена изнесува 27 милиони евра.

Република Северна Македонија е членка на ЕУРИМАЖ од 2003 година и преку овој фонд се поддржани бројни македонски играни и документарни филмови. А со учеството на нашата држава во оваа програма, продуцентите ќе се стекнат со право директно да ги пријавуваат своите копродукциски проекти како мнозински копродуценти и во случај проектот да добие поддршка, средствата ќе се уплаќаат директно на македонскиот продуцент. Копродукциите создаваат можност за широка дистрибуција на серијата и прикажување на медиуми во други држави.

Можеби ќе ве интересира

Ангелов во Париз на состанок на Координативниот центар за итен одговор на ЕУ

ДЕСК

Средба на претседателот Гаши со досегашните претседатели на Собранието

ДЕСК

Каква е состојбата на патиштата?

ДЕСК