Ова е еден грозен случај, секој што се огрешил во криминалот на Онкологија има да одговара, нема да има никаков пардон, за никого, без разлика дали припаѓа на која било политичка партија, на било каква припадност, рече денеска во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, потенцирајќи дека 20 години се зборува за вакви случувања но сега за прв пат МВР и Обвинителство направија акција за расчистување на сомнежите.
-После 20 години од сè што се изнаслушавме во државата што се случува во голем број на сектори а особено во здравствениот сектор, за прв пат МВР и Обвинителството влегоа и направија акција во делот на прибирање на докази во врска со јавно изнесени обвиненија и сомнежи од страна на граѓани, медиуми, пациенти за терапиите кои што се издавале на една од клиниките во Клиничкиот центар во Скопје. Уште еднаш кажувам дека пардон нема да има за никого во овој случај. Ова е еден грозен случај во кој што МВР има определено тим кој што работи на прибирање на обемен доказен материјал, каде што работат подоцна со Обвинителството, се надевам дека и Обвинителството ќе ја објасни нивната постапка бидејќи тие се посебен орган надвор од државата. Нема да има пардон за никого без разлика дали припаѓа на било која политичка партија, на било каква припадност. Овде се работи за мултипартиски, мултуетнички криминал кој што мора да се расчисти. Граѓаните очекуваат расчистување на ова, нема да има никаков пардон. Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свето ДУИ, тој што се огрешил има да одговара, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ и премиер посочи дека целосно ги разбира загриженоста и бесот кај граѓаните и додаде дека протест во ваков случај е добредојден затоа што врши дополнителен притисок врз институциите.
– Тоа што граѓаните протестираат јас го разбирам, како и нивната загриженост и нивниот бес. Правото на протест во вакви случаи е и добредојден. Затоа што врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа, рече Ковачевски.
Претседателот Ковачевски повика да не се политизира случајот, да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска и медицинска фела.
-Политизирањето на случајот ќе значи само на некој начин прикривање на некого и затоа повикувам да не се политизира и институциите најпрофесионално да го завршат она што е започнато. Доста беше кажав и пред малку 30 години граѓаните да бараат борба со криминалот и корупцијата. Исто така повикувам да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи нашето здравство има професионални и прекрасни доктори кои што се грижат за нашето здравје, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.