Centar.mk
БИЗНИС

Сè уште се чека одлуката за горивата: Дали ќе има ново поскапување?

Иако веќе е речиси 16 часот, Регулаторната комисија за енергетика сè уште нема објавено нова одлука за малопродажните цени на горивата.

На официјалната веб-страница на РКЕ, последната објавена одлука за цените на нафтените деривати е од 13 јули, додека нова одлука за денеска засега нема.

Вообичаено, секој понеделник вниманието на граѓаните и на превозниците е насочено кон Регулаторната комисија, од каде се очекува информација дали бензините и дизелот ќе поскапат, ќе поевтинат или ќе останат со непроменети цени.

Ова се актуелните цени на горивата

Според последната важечка одлука, која се применува од 14 јули 2026 година, максималните малопродажни цени изнесуваат:

ЕУРОСУПЕР БС-95 – 87 денари за литар
ЕУРОСУПЕР БС-98 – 89 денари за литар
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 88 денари за литар
Екстра лесно масло за домаќинство – 86 денари за литар.

Нафтата на светските берзи повторно расте

Дополнителна неизвесност носат движењата на светските берзи. Во текот на денешното тргување, цената на суровата нафта забележа силни осцилации поради геополитичките тензии и стравувањата од нарушување на испораките.

Цената на Brent нафтата претходно достигна 91 долари за барел, а потоа се стабилизираше на околу 88 долари. Американската WTI нафта достигна 85 долари.

Растот на берзанските цени може да создаде дополнителен притисок врз домашните малопродажни цени, но конечната пресметка зависи и од движењето на курсот на денарот во однос на доларот, референтните цени на дериватите и другите параметри што ги користи РКЕ.

Засега останува отворено прашањето дали денеска ќе „падне“ одлука за ново поскапување или возачите барем уште една недела ќе точат гориво по сегашните цени.

Новата одлука на РКЕ се очекува во текот на попладневните часови.