24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Костадиновска-Стојчевска: Во Битолската библиотека од денеска е отворена „Дневна соба“, слободен простор за едукација и дружење

Во Националната установа Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Битола денеска беше промовиран нов библиотечен мултифункционален простор наречен „Дневна соба на градот“ каде што младите луѓе, но и сите генерации, ќе може да се среќаваат, да учат, да се унапредуваат, да стекнуваат нови пријатели. Новиот библиотечен простор, во светот препознаен како „Community hub“, се отвора во согласност со заложбите на Светската организација на библиотеки (ИФЛА), со поддршка од Министерството за култура.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на настанот по повод промоцијата на просторот, истакна дека уште од времето на прочуената Александриска библиотека, библиотеките се ризници на знаење, паметници на времето и просторот и чувари на пишаниот збор.

– Со векови се менувале нивната улога и значење, но секогаш во центарот биле книгата и корисникот, читателот. Денес современите библиотеки станаа семоќни извори на информации, мултифункционални простори за сите возрасти, со еден збор – библиотеките се за сите. Токму со оваа отвореност кон граѓаните може да се пофалат Битола и Битолската библиотека, каде што библиотекарската традиција има длабоки корени, а во 1860 година е отворено првото читалиште во овој град – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека овој мултифункционален центар ќе понуди програми за квалитетно поминување на слободното време, литература за сечиј вкус, можности за истражување, дружење и социјална комуникација, но, пред сѐ, ќе биде пријатно место за едукација и за размена на искуства.

– Моја лична цел е сите национални установи да бидат целосно отворени и насочени кон младите луѓе, но и кон другите, да ги отворат своите врати и токму преку вакви катчиња, секој да може да се почувствува дека е дома, во својата дневна соба – нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Во Битолската библиотека денеска се одржува и средба на библиотекарите од целата држава со основачот на „Хортикултурната мрежа на библиотеки“, Мирко С. Марковиќ, и со Јасмина Иванковиќ, директорка на библиотеката од Лазаревац. По тој повод, Костадиновска-Стојчевска истакна дека овој настан е уште една потврда за посветеноста на оваа национална установа за развојот на библиотеките кои се чувари на колективната меморија на еден народ, како и за примената и осмислувањето на иновативните програми во локалната средина.

− Хортикултурните библиотеки се нов тренд во библиотечното работење, нов концепт поддржан од Светската федерација на библиотеки и составен дел од „Агенда 2030“ на Обединетите нации, која промовира програми за развој на т.н. „паметни градови“ посветени на еколошки содржини. Битола е град во непосредна близина на Националниот парк „Пелистер“, така што има голем потенцијал за развој на нови хортикултурни содржини во библиотечната дејност. Токму поради тоа, од големо значење се заложбите на Битолската библиотека да го развива овој нов библиотечен концепт, институцијата да се стави во служба на граѓаните и  одржување поубава околина за живеење преку најразлични работилници и проекти поврзани со хортикултурата − рече министерката за култура.

На настанот се обрати и Бојан Стефановски, директор на Националната установа Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Битола, а основачот на „Хортикултурната мрежа на библиотеки“, Мирко С. Марковиќ, одржа и предавање за улогата на современите библиотеки во заедницата со примери од светската практика. На средбата стана збор и за воспоставување „Мрежа на хортикултурни библиотеки во Северна Македонија“.