17.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нема никого да подложувам на тортура му одговори Ескобар на Мицкоски

„Северна Македонија е земја во која ги почитувам луѓето и се покажа како вистински пријател на САД. Во последните неколку години Северна Македонија им помогна на САД за Авганистан, Украина и, најново, ни помогна да постигнеме историски договор меѓу Србија и Косово за нормализација, што ќе даде придонес за целиот регион. И сакаме Северна Македонија да смета на нас при своите предизвици“, истакна на денешната прес-конференција заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

„Секогаш сум велел дека Западен Балкан е најнадежниот дел од Европа во моментот“, потенцира тој.

Го поздрави почетокот на процесот на уставните измени, а запрашан за коментар за запрениот процес, рече дека му е мило што процесот почнал и изрази надеж дека тој ќе продолжи.

Коментирајќи ја изјавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Ескобар со насмевка одговори на прашањето дека во никој случај нема да врши тортура.

„Сакам да кажам дека нема никого да го подложувам на тортура овде, сакам да посочам дека САД не избира влади за земјите на НАТО, но поставуваме очекувања и единствената работа за која ќе зборувам е да ја дадам истата порака што ја ширам во регионот – дека САД ги гледаат како природни партнери они што се посветени на европската интеграција, НАТО и борбата против корупцијата. И сакам тоа јасно да го посочам, но исто така сакам да слушнам и други гледишта, се надевам дека ќе имаме повеќе да ѝ кажеме на јавноста“, изјави Ескобар.

На прашањето уште колку вакви посети ќе треба да очекуваме пред чинот на гласање и дека таа дебата се води веќе подолг период, премиерот Ковачевски рече дека фактот што водиме дебата подолго време значи дека се работи за исклучително важно прашање.

„Секоја стратешка одлука е таа што ја определува иднината за повеќе генерации. И ќе се води толку колку што е потребно за да се донесе правилна одлука“, истакна Ковачевски.