29. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Хајнекен ја напушти Русија: Компанијата ги продаде своите пивари за 1 евро

Холандскиот производител на пиво Хајнекен денеска соопшти дека ја напуштил Русија и ги продаде своите пивари во оваа земја за симболично едно евро.

Како што објави холандскиот јавен сервис НОС, купувач е руската индустриска групација Арнест, која се обврза на рати да исплати околу 100 милиони евра од корпоративниот долг на Хајнекен.

Heineken, кој имаше седум пиварници и 1.800 вработени во Русија, ги проценува трошоците за напуштање на рускиот пазар на 300 милиони евра.

Сите производи на брендот Heineken веќе се повлечени од рускиот пазар во 2022 година, а производството и продажбата на Amstel ќе бидат прекинати во следните шест месеци.

Heineken нема да обезбеди дополнителна поддршка за брендот или нема да добива никакви приходи, авторски права или друга компензација од Русија.

– Повлекувањето од рускиот пазар траеше многу подолго од првично очекуваното, но оваа трансакција ја обезбеди иднината на нашите вработени во Русија и ни овозможи одговорно да ја напуштиме оваа земја – изјави шефот на Хајнекен, Долф ван ден Бринк.

Компанијата Хајнекен беше присутна во Русија околу 20 години, но овој пазар не беше многу профитабилен за холандскиот производител на пиво.

Во договорот не се споменува можност за откуп, од што произлегува дека Хајнекен нема да се врати во Русија.