24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Кога сме надвор од процесот времето не работи за нас, ќе влеземе во назадување и стагнација на нашата европска агенда

На прашањето што ќе значи изгубеното време за Македонија со опструкциите за усвојување на уставните амандмани, во интервју за Рацин.мк заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, нагласува дека „ немаме време за губење, имаме време за итање напред, одлучно и храбро. Последиците ги гледаме денеска што значи изгубено време и пропуштање на сериозни политички моменти во кои сме можеле да ги надминеме отворените билатерални прашања“.

„Доволно е да направиме споредба со земја со која заедно во исто време сме го започнале евроинтегративниот процес, до каде сме ние денес, а каде е Хрватска. Таа е веќе 10 години држава членка на ЕУ, дел од евро и Шенген зоната, ние сме држава која преговара и која се наоѓа уште еднаш на крстосница на патот кон Брисел“, посочува вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ уште додава дека „праксата покажува дека времето не работи во наша корист кога сме надвор од процесот“.

„Колку повеќе чекаме повеќе и сè поголеми прашања ќе се отвораат, што само ќе го комплицира процесот и ќе ја зајакнуваат позицијата на Бугарија. Да не дозволиме да го комплицираме процесот кога сега ни е патот јасно поставен пред нас“, предупредува заменик претседателот задолжен за европски прашања.

Маричиќ укажува дека ако се блокираат сега преговорите со ЕУ тоа значи дека уште еднаш ќе бидеме разделени, овој пат од Албанија, која ќе продолжи да преговара со ЕУ, отворајќи ги кластерите и поглавјата.

„Тоа ќе биде назадување и стагнација на европската агенда и процесот на реформирање односно на трансформирање на македонското општество на подобро. За мнозинството од нашите граѓани ќе биде големо разочарување. Народот има потреба од мотивација и јасна визија за нашата иднина, што се постигнува со јасната стратешка цел на која работиме. Северна Македонија е определена за европска иднина, институциите се длабоко навлезени во реализација на потребните реформи и би било жалосно сето ова што е постигнато да се остави недозавршено или да остане без јасна цел на крајот од тунелот“, вели Маричиќ.

Тој дополнува дека „процесот на евроинтеграција е и наше созревање, на целовкупниот систем, тест за зрелост, кој предвидува одговорност, капацитет за соочување со предизвиците кој ќе донесе многу придобивки за сите нас“.

„Нашиот фокус треба да биде насочен таму, кон придобивките од евроинтеграцијата, кон нашата иднина и кон нашата подготвеност, конечно да се приклучиме на европскиот воз“, вели во интервју за Рацин.мк заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ