23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба на вицепремиерката Грковска со новиот австриски амбасадор Мартин Памер

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Северна Македонија, Мартин Памер. Изразувајќи увереност дека пријателските билатерални односи ќе продолжат да се развиваат и во иднина, вицепремиерката Грковска му посака добредојде во земјава на австрискиот амбасадор и многу успех во извршувањето на функцијата.

Вицепремиерката Грковска изрази благодарност за поддршката која нашата држава ја добива од Австрија во реформските процеси поврзани со евроинтеграциите и за динамиката со која се развива соработката меѓу двете земји во повеќе области. На средбата се разговараше за прашања поврзани со уставните измени и за други актуелни политички теми во земјата, вклучително и за состојбата во правосудниот систем.

Амбасадорот Памер се запозна со активностите кои ги предводи и координира Кабинетот за политики за добро владеење, со акцент на координацијата на институциите надлежни во борбата со корупцијата, јакнењето на транспарентноста и дигиталната трансформација на општеството. Истакнувајќи ја важноста на политиките кои се во надлежност на вицепремиерката Грковска, амбасадорот Памер изрази подготвеност во својот мандат да придонесе за успешна реализација на иницијативите што ќе се реализираат во наредниот период.