„Охридскиот Рамковен договор го замени говорот на оружјето на терен со говорот на разумот на маса, ги институционализираше отворените прашања и испрати порака дека проблемите не се решаваат со конфликт, туку преку дијалог и дебата. И дека, како што вели самиот договор, не постојат територијални решенија за етничките прашања“ рече премиерот Димитар Ковачевски на настанот по повод одбележување 22 години од Охридскиот рамковен договор во Владата.
Тој додаде дека низа закони донесени во духот на овој договор, како што е Законот за употреба на јазиците создадоа простор за заштита и негување на правата на етникумите, но и заштита на нацијата во целина.
„Како држава, нашите стремежи за унапредување на правата на заедниците ги исполнивме, пред сè, преку создавање на Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Денес ги гледаме и плодовите на тие наши стремежи не само преку реализацијата на законските акти, туку и преку пренесување на нашите заложби за градење на мир на младите со цел да ја продолжат афирмацијата на целосната интеграција на граѓаните во сите сфери од животот“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека од оваа временска дистанца се гледа дека Охридскиот рамковен договор го донесе мирот и постави цврста рамка за меѓуетнички соживот, заштитувајќи го територијалниот интегритет и суверенитет.
„Сите заедно, со почит кон другиот, со взаемна грижа и посветеност да си помагаме едни на други, а така и да ја градиме нашата држава. Целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор е сè уште активен стратешки приоритет на Владата“ рече Ковачевски.