„Одбележавме 22 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кога нашата држава отвори ново поглавје од својата понова историја во духот на мирот, добрососедството и взаемната почит. Од држава која пред повеќе од две децении се соочуваше со можноста од разлевање на конфликтот, прераснавме во симбол на мултиетничноста, мултиконфесионалноста и мултикултурализмот“ рече премиерот Димитар Ковачевски на настанот по повод одбележување 22 години од Охридскиот рамковен договор во Владата.
Тој додаде дека земјава стана препознатлива како Европа во мало, земја која е пример за функционална мултиетничка демократија, цврсто втемелена врз европски вредности.
„Успеавме, сите заедно, да поставиме здрави темели на концептот едно општество за сите, со еднакви права и еднакви одговорности. Северна Македонија денес е дом за Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и сите други кои токму овде живеат и се чувствуваат свои на своето“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека Охридскиот рамковен договор го замени говорот на оружјето на терен со говорот на разумот на маса, ги институционализираше отворените прашања и испрати порака дека проблемите не се решаваат со конфликт, туку преку дијалог и дебата.
„Преку овој договор се овозможи континуитет на општествената кохезија и се отворија можности за унапредување на правата на заедниците преку уставните и законодавните измени“ рече Ковачевски.