6. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Владата за приватната посета на Курти: За осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме

Соопштение на Владата:

Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија ви посочува дека пред сѐ, оваа посета на премиерот на Косово, Албин Курти е приватна посета, и за деталите од поканата, протоколот и организација на посочениот настан ве молиме да се обратите кај организаторот.

Во секој случај, Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја членка на НАТО и во таа насока ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Дополнително ве информираме дека од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата.

Воедно, Кабинетот на премиерот посочува дека за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме.

Посочуваме дека сите држави од регионот кои сакаат истиот да е просперитетен, економски развиен и интегриран во Европската Унија и кои сакаат да градат пријателски односи со своите соседи, треба со сите свои постапки да ги продлабочуваат пријателствата и меѓу државите и меѓу граѓаните, и да инсистираат на почитување пред сѐ на државните одбележја како и на мултикултурните специфичности на секоја од државите од регионот. Република Северна Македонија како функционално мултикултурно и мултиетничко општество е пример за земја која ги почитува различностите и интензивно гради добрососедски односи со сите свои соседи, базирани на почитување и соработка која треба да придонесе кон понатамошен развој и на земјата и на регионот.

Дополнително, иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора Македонска Бригада. Посочуваме дека локалната самоуправа требало изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури.