26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БИЗНИС

Ние сме во европскиот портрет на здрава економија, а опозицијата упорно удира врз најуспешните сегменти на владините политики

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Меѓу оние забелешки на она што јас го објавувам на социјалните мрежи во последните години, често дадени во тон што не можам да го оценам како непријателски, се насочени кон мојот внимателен однос кон она што го пишува министерот за финансии за работата на својот кабинет. За разлика од моите критичари во овој домен, јас тврдам дека Фатмир Бесими има доктринарен пристап кон решавање на проблемите од негов домен.

Практично, тој, како лондонски студент, ги користи сите сознанија кои постојат во развиениот западен свет и кои значат борба со трите „ламји“ на совремието – светската епидемија на вирусот на короната, инфлацијата која таа ја донесе на планетарно ниво и конечно војната која Русија ја наметна со агресијата врз Украина, која одново, има глобални импликации во многу сфери.

Лагите за рекордната инфлација

Критичарите на моите оценки ми велат – зошто не кажеш дека ние имаме „рекордна инфлација“ и тоа се става во секакви рамки – континентални, регионални…

Да, инфлацијата е најдоброто огледало на здравјето на една економија, ама тука критичарите прилично згрешиле, дури и покрај фактот што ние не располагаме со така моќни ресурси со кои располагаат далеку помоќните земји од нас; на континентот секако ги има и премногу а во регионот. Тоа се речиси сите со кои сме поблиски или подалечни соседи.

И? Какви се резултатите на планот на инфлацијата?

„Падот на стапката на инфлација продолжува и во месец јули 2023 кога е измерен раст на трошоците за живот од 8,4 проценти, и како што и беше најавувано изминативе неколку месеци, Владата максимално посветено работи со сите расположливи мерки истата да ја сведе на минимум до крајот на оваа календарска година, со цел да го заштити стандардот на граѓаните“, напиша вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на „Фејсбук“.
Вицепремиерот очекува растот на просечната плата и понатаму да продолжи со двоцифрени стапки и да биде значително над растот на трошоците на живот.

„Овие бројки се во согласност и со владините проекции со кои се предвидува просечната инфлација за 2023 да изнесува 8,9 проценти. Од друга страна оваа Влада посветува големо внимание и на креирање на позитивна бизнис клима, каде компаниите ќе бидат мотивирани да исплаќаат компетитивни плати чиј раст на годишно ниво ќе биде далеку над растот на трошоците на живот“, наведува Битиќи.

И да се вратам на споменатите забелешки дека владините политики произвеле највисока инфлација „во светот… Европа… регионот“. Кои се тие рекордери? Да го кажеме тоа онака „машки“, без заобиколување и без криенки.

Највисока стапка на инфлација во јуни има Турција – 38,3 отсто, потоа Унгарија – 19,9 и Србија – 13,5 отсто. А кога се гледа само поскапувањето на храната во јуни, инфлацијата во Турција е 54,3 отсто, во Унгарија 28,4 отсто, а во Србија 24 отсто. Податоците ги објави Евростат врз основа на усогласениот индекс на потрошувачките цени, а во српски „Данас“ ги коментира Миша Бркиќ.

Турција, Унгарија, Србија. Зошто овие земји имаат најголема инфлација? Како се тие специфични? Што друго, освен високата инфлација, би можело да биде нивен заеднички именител?

Високата инфлација е да повториме – показател за болна економија.

Јуни беше осми последователен месец на поскапувања во Турција, па инфлацијата продолжува да го уништува животниот стандард на граѓаните. Трговците ги прикажуваат цените во долари, а граѓаните купуваат злато и криптовалути за да ја зачуваат вредноста на нивните заштеди.

Во претходните години, економската програма на претседателот Реџеп Таип Ердоган даде приоритет на економскиот раст, кој во 2021 година беше робусен (11 проценти) благодарение на отворањето по пандемијата. Но, во 2022 година ослабе на 5,6 отсто, а за годинава се предвидува раст од 2,8 отсто поради падот на индустриското производство. Ердоган се залага за ниска цена на капиталот за да се поттикне економскиот раст

Но, наместо економијата, продолжија да растат цените на јавниот превоз, прехранбените производи, цигарите и услугите, па инфлацијата (84 отсто лани во август) достигна највисоко ниво во последните 24 години.

Под притисок на еден од најголемите дефицити на тековната сметка (шест отсто од БДП), националната валута, лирата, падна за 44 отсто во однос на доларот.

За да ја одбранат лирата, властите „испржија“ 67 милијарди долари девизни резерви. Замислите ги само тие пари!

Претседателот Ердоган ги обвинува Западот, безбедносните ризици, ЛГБТ групите и културните закани како виновници за економската криза. Но, забелешките доаѓаат токму за начинот на кој Ердоган управува со земјата и економијата.

Нашиот Запад го обвинува неговиот Запад за неволјите
Унгарија моментално ја доживува најтешката економска криза после падот на социјализмот. Премиерот Виктор Орбан и неговата влада се соочуваат со зголемени трошоци за енергија, инфлација, рекордно слаба форинта и забавување на економијата.

Во април, Унгарија беше европски лидер по инфлација (24 отсто), која падна на 21,5 отсто во мај, што беше прв месечен пад од 2020 година. Високата инфлација го загрозува животниот стандард на сè повеќе луѓе. Владината контрола на цените на храната и бензинот не им помогна многу на граѓаните (и покрај неговата огромна поддршка во медиумите), но резултираше со недостиг што се појавија за прв пат по колапсот на социјализмот.

Премиерот Орбан за овие резултати ја обвинува ЕУ и милијардерот Џорџ Сорос, но многу меѓународни институции и домашни аналитичари се согласуваат дека унгарската економска криза, всушност, е криза на моделот на владеење на Орбан, кој почива на три популистички столбови: евтини пари, лабава монетарна политика и великодушно трошење. (Само да споменеме – кого најде да го избере за свој пријател нашата опозиција!?).

Нема сомнение дека многу наши „претставници“ на оние превработени, партиски административци и квази синдикалци, чија дневна агенда е само рушење на владините политики. Без да се сфати, на пример, дека наглите и без основа зголемувања на платите се само тег кон зголемување на инфлација, со тоа и на цените, па веднаш имаме отворање на нов круг на барања за нови исплати на зголемени плати…

Но овие актуелни бунтовници просто би го обожувале Орбана – унгарскиот шеф на државата одново најавува зголемување на платите на бирократијата, линеарна исплата на пензии или субвенции на претприемачите. Владетелот слободно ја користи државната каса без ниту една надворешна институција да може да ја провери или утврди неговата одговорност за евентуални пропусти. (Се сеќавате како Груевски ги одбегнуваше западните кредитори и седна во скутот на кинеските „дародавци“ кои не бегаат од рушветот).

Ние сме во европскиот портрет за здрава економија
И покрај сето тоа што домашните опортунисти ѝ го прават на оваа и на претходните сдсмовски влади (ако ја качиш минималната плата, дигаат глава коморџиите, ако не го Минималецот, скока синдикатот) – инфлацијата во земјава е соборена на едноцифрено ниво (!) што е веќе една европска слика за економијата. И истовремено, сепак, се појави еден стабилен скок на платите што претходно не постоел. А што претходно било воопшто стабилно во економијата освен износот на националното богатство преку оф-шор дестинациите?

Посебно е за пример дијалогот меѓу Владата и синдикатите околу платите. Се работи за разговорот за општиот колективен договор започнат лани, вели за Рацин.мк, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

„Во овој момент имаме две методологии кои ги преговараме. Едната што ја понудивме ние, е сите плати во јавниот сектор да се дефинираат според минималната плата како основна, плус бод, плус помножена со вредност на бодот. Тоа е една методологија во која се содржи и проекција како платите би растеле во наредните 4 години. По оваа методологија по која ги имавме деталните калкулации, еден помлад соработник со високо образование, со сегашна плата од некаде 24.000 денари би требало за 4 години да постигне основна плата од 38.000 денари, плус додатоците што му следат“, објаснува Битиќи.

И дијалогот со синдикатите – по европски терк!
Но како што тврди Битиќи, Синдикатите не се сложиле со оваа методологија и барале за основица да се земе просечната плата која е повисока и сега изнесува 33.720 денари и таа да се множи со коефициент на сложеност.

Владата ги прифатила барањата на Синдикатот и, според зборовите на вицепремиерот, сега се прават калкулациите, затоа што ова е многу посложена методологија што треба да регулира сè во јавниот сектор кој опфаќа 136.000 работници. Но, уверува Битиќи, не е точно дека оваа методологија е поскапа, ниту е точно дека Владата одбегнува да ја примени.

Премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието, изнесе споредба за економските параметри сега и во времето на претходната Влада до 2017 година. Премиерот Ковачевски, истакна дека, согласно статистичките параметри, растат платите, инфлацијата се намалува, а тоа значи дека се подобрува и животниот стандард и во услови на најголемата светска економска криза. Дополнително, подвлече дека новите инвестиции носат мноштво придобивки за животниот стандард на граѓаните, создаваат можности за работа, ја намалуваат невработеноста и обезбедуваат стабилни извори на приходи, што резултира со повисоки плати и подобрување на куповната моќ на граѓаните.

Премиерот истакна дека тенденцијата за намалување на диспаритетите во економскиот развој во Северна Македонија се согледува преку распределбата на исплатата на финансиската поддршка по региони.

Поурамнотежен регионален раст на стандардот
„Ако во 2018 година 45% од 3,12 милиони завршиле за компании од Скопскиот регион, минатата година овој процент изнесува 32% од 23 милиони евра. Во овој индикатор за рамномерен развој учеството на останатите седум плански региони се зголемува од 55% во 2018 година на 68% во 2022 година.

Кај најмалку развиениот Североисточен регион, имаме раст од 7 процентни поени, односно од 1% во 2018 година на 8% учество во вкупната вредност на исплатените финансиски инвестициски поддршки во текот на 2022 година.

Премиерот подвлече дека, кога сме кај животниот стандард на граѓаните, промената најдобро се согледува преку споредбата на растот на исплатената просечна плата и растот на инфлацијата, што зборува за нивната реална куповна моќ.

„Ако просечната плата во мај 2017 година, непосредно пред доаѓањето на власт на СДСМ и коалицијата, изнесуваше 22.889 денари, по шест години, односно годинава во месец мај имаме највисок износ на исплатена просечна плата од 36.465 денари, што е раст од 59.3%.Во 2011 година, во мај месец 2011 година граѓаните на нашата држава просечно имале нето плата од 20.954 денари, односно за период од шест години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, тие успеале да ја зголемат нето платата за 1.935 денари, додека, пак, Владата на СДСМ за ист временски период од шест години за 13.576 денари“, рече Ковачевски.

Огромна разлика кај растот на платите меѓу груевото време и она на актуелната коалиција
Разликата е очигледна, во периодот 2011-2017 нето платата за време на претходната Влада се зголемила за 9.2%, додека пак за време на владеењето на СДСМ, 2017-2023, истата се зголемила за 59.3%. Тоа е разлика од 50,1 процентни поени. Ако овие бројки ги споредиме од аспект и на растот на инфлацијата во овие два временски периоди, односно ако видиме како се движела реалната куповна моќ на граѓаните, ќе видиме дека животниот стандард од 2017 до денес драматично се подобрува. Кумулативно, инфлацијата од мај 2011 година до мај 2017 година изнесувала 5,7%, а растот на нето платата е 9,2%.

Што покажуваат Обединетите телевизии на Шампитата? Па дека, на пример, иако инфлацијата падна удолу, „граѓаните ова не го чувствуваат“!

Откако им пропадна двомесечната тирада за скокот на електричната енергија, сега одат на дрвата за огрев. Говорат дека кубикот ќе бил 4.500 денари. Ама домаќините сега си купуваат дрва и тие во складовите на Национални шуми ги земаат истите за околу 50-60 евра од кубик!

Или папагалски се тврди дека „просечно македонско семејство не може да оди на одмор“. Тоа е навистина мантра деновиве на сите утрински програми. Ама лани тоа просечно семејство оставило во агенциите кои организираат одмори во странство 33 милиони евра.

Тука не влегуваат оние кои не оделе преку агенции, а кои се мнозинство, бидејќи, сега сме во електронско доба, кога секој си е сам агенција. Па на истите тие утрински програми, каква противречност, гледате преку камерите поставени на границите колони возила кон дестинациите вон земјата, од кои мнозинството се домашни туристи! Годинава, таа бројка е секако поголема од лани, а треба да се смета и на тоа дека многу домашни семејства одат на одмор во локални дестинации.

За разлика од оние кои стојат зад кампањата за сиромашните домашни семејства, како шефот на Левица, кој замина за Хургада (Египет) или Мицкоски кој веројатно ќе замине во традиционалното летувалиште Крушиќ кај Котор. Да се одморат во луксуз, а потоа да ги бранат оние кои морале да останат дома на жештината.

Но, да оставиме простор деновиве да ги проследиме и пензионерските протести кои имаат јасна политичка заднина, одново од истата кујна.

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. Извор: ЦИВИЛ МЕДИА