25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Таравари за албанската „Топ-ченл“: Албанците се дискриминирани, има функции што им се забранети

Околу 30 отсто од жителите на Северна Македонија припаѓаат на албанска националност, но и покрај постојните договори за соживот со Македонците, тие продолжуваат да бидат дискриминирани, вели претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари во интервју за албанската телевизија „Топ-ченл“.

Првиот човек на Алијансата, кој ја предводи и општина Гостивар, говорејќи за Скопје рече „ако влезете во областите каде што живеат Албанци, на пример во Чаир, Бутел и Сарај, ќе видите дека сте во друг свет“, додека состојбата, како што тврди е многу подобра во општините каде што живеат само Македонци.

И покрај фактот што речиси половина од владиниот кабинет во Северна Македонија го сочинуваат министри Албанци, Таравари се жали дека дискриминацијата е очигледна, пишува „Топ ченл“.

„За Македонците е глупост Албанците да водат одредени позиции, на пример, во специјалната полициска единица не може Албанци да бидат припадници на тие единици, министерот за внатрешни работи на Македонија не може да биде Албанец, премиерот не може да биде Албанец, за шефот на државата не се ни разговара“, вели тој.

Таравари рече и дека има за цел да постигне промени во корист на Албанците со уставните измени што ќе се направат.

Во интервјуто тој вели дека Алијансата за Албанците упорно ќе инсистира албанскиот јазик да се дефинира како што треба, не процентуално, туку да биде официјален, да биде албанскиот и македонскиот јазик, а не македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението.

За правата на албанската заедница во Северна Македонија и, како што вели, подостоинствен третман, потребни се промени и кај албанските партии кои се стремат кон нив веќе 20 години, додаде Таравари во интервјуто.