23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Македонскиот јазик и идентитет се зачувани и заштитени со преговарачката рамка

„По 17 години од добиениот кандидатски статус, во јули, минатата година, конечно ги отворивме преговорите, со таква мудра политичка одлука, што овозможи да го почнеме скрининг процесот, којшто успешно се одвива. При тоа, македонскиот јазик и идентитет се зачувани и заштитени со преговарачката рамка“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање пред Комисијата за уставни прашања во Собранието.

Тој додаде дека потпишан е првиот договор со Европската комисија, за гранично управување – ФРОНТЕКС, на македонски јазик, без ѕвездички или фусноти, рамноправно со други официјални јазици на ЕУ и кажа дека во моментов на македонски јазик се преведува целото европско законодавство.

„Ланскиот јули изнајдовме квалитетно и достоинствено решение, со што Северна Македонија ја поставивме повторно на европската трака, заштитувајки ги нашите национални и идентитетски определби. Сето ова е потврда за нашата континуирана одлука и работа која резултира со на овој начин предложените уставни измени, каде примарен фокус е тие на ниту еден начин да не задираат во ниту едно идентитетско прашање“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека сега треба да се донесе нова, јасна и консензуална државничка одлука и решенија бидејќи не смееме да ја пропуштиме оваа шанса за Европа и да се донесе европски квалитет на живот дома.

„Европските претставници без задршка предупредуваат дека постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија, доколку пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека уставните измени не се ничиј диктат, или нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на државата со ЕУ. Ова јасно го соопштија и претставниците на Германија, Франција и Полска, при минатонеделната посета на Скопје и сите останати кои нѐ посетија изминатиов период“ рече Ковачевски.