23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk, © copyright
МАКЕДОНИЈА

Meџити на средба со синдикатите и ФЗО: Од 1 септември 10 oтсто поголеми плати

Покачувањето на платите за вработените во јавниот сектор, кое ќе почне од септември оваа година, беше тема на денешната работна средба помеѓу министерот за здравство, Фатмир Меџити, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, претседателот на Синдикатот на Клинички, Предраг Серафимовски, и претставници на Фондот за здравствено осигурување.

Тие на состанокот разговараа за начинот на имплементација на покачувањето на платите и пресметките што треба да бидат подготвени пред тоа да се реализира.

„Повисоките плати, кои набргу ќе ги добијат здравствените работници, се од големо значење кога станува збор за испораката на здравствените услуги. Ние се стремиме да имаме мотивирани здравствени работници, кои посветено ќе работат и ќе обезбедат квалитетна здравствена заштита за пациентите“, истакна Меџити.

Меџити за време на средбата потенцира дека покачувањето на платите покажува дека трудот на здравствените работници е вреднуван и ценет и дека тоа ќе влијае на привлекување професионалци во македонскиот здравствен систем, што е од големо значење за целата држава.

Покачувањето на платите ќе се реализира како дел од новиот Општ колективен договор за вработените во јавниот сектор, кој неодамна беше склучен помеѓу Владата и Сојузот на синдикатите на Македонија. Со него се предвидени и исплата на регрес за годишен одмор за 2023 година од 10.000 денари, кој ќе биде исплатен до крајот на годината, како и нова методологија за пресметка на плата, која ќе стапи во сила од март 2025 година.