15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Дел од жителите на Иловица и Штука „за“ рудникот, апелира Владата и надлежните институции да ги слушнат и нив

Дел од жителите на селата во чија близина би требало да се изгради рудникот „Иловица-Штука“ имаат цврст став дека оваа инвестиција е клучна за опстанок на општините Ново Село и Босилово. Во саботата, за време на протестот во Струмица, тие останаа дома.

„Ние сме ЗА рудникот, бидејќи институции кажуваат дека неговото работење не е штетно по здравјето. Со отворањето на рудникот ќе се вработи овој народ, зашто од него можеме да имаме само ќар, а зијан не. Ќарот ќе е вработувањето, бидејќи ќе се вработат многу луѓе, многу млади. Ќе се вработат граѓани од општините Ново Село и Босилово и рудникот е предуслов за опстанок на овие две општини, смета Митко Иванов од село Штука.

Сметаат дека отворањето на рудникот ќе отвори нови можности за младите и тие ќе останат во краевите кои веќе се запустуваат.

„Сите наши села се иселуваат и бараат спас во Словенија. Ова е една убава можност да се задржи народот тука, да си најде вработување и да остане да живее тука. Кој нешто им понудил на граѓаните за да се задржат тука? Тука во Иловица никој не смета дека со садење и берење тутун може да живее. Сточарите што мислат дека нема каде се напасува стоката-нема стока, има само еден што има овци и еден што има кози. Не држи вода нивниот муабет дека ќе нема стока“, вели жител на Иловица.

Ги прашува активистите за заштита на животната средина зошто не реагираат на безмилосното уништување на шумата, од каде, според него, сто кубици огревно дрво се сече секој ден.

„Ниту еден од нив не е дојден да види зашто се пустоши Огражден. Ловците кои сакаат планината да им биде чиста ловат се живо и диво-и срни и млади диви свињи“, додава тој.

Според жителите, со отворањето на рудникот Општина Босилово од надоместоците за концесија во висина од околу 4 милиони евра што ќе ги добива од рудникот може само за една година да почне да го решава проблемот со канализацијата, но и други нерешени инфраструктурни проблеми.