16.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Шутаров: Арсовска и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извинат за состојбата што свесно ја дозволија

Во овој момент е невозможно да се воспостави формална комуникација на ниво на органи и тоа само го отежнува функционирањето на Градот, а во спротивно со кооперативност меѓу двете страни ќе се олесни и подобри функционирањето на Градот, кажа советникот на СДСМ Гордан Шутаров на вонредната седница на Советот на Град Скопје, на која градоначалничката Данела Арсовска воопшто и не присуствуваше.

– За жал во оваа година и половина тоа никогаш не било случај кога станува збор за вака сериозни теми. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме на речиси половина од мандатот на новото градско раководство искрено и не верувам дека до такво нешто може да дојде иако би бил среќен доколку како органи на најголемиот и главниот град на Македонија почнеме да комуницираме и соработуваме. Скопје, ова дефинитивно не го заслужува…најмалку што може да направат и Градоначалничката и мнозинството во Советот на Градот Скопје предводено од ВМРО ДПМНЕ јавно да им се извинат на сите граѓани за состојбата за која што свесно дозволија да се случи во Градот Скопје, кажа Шутаров.

Советникот истакна дека општините Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Чаир, Гази Баба, Сарај и Шуто Оризари имаат обврска и одговорност да потпишат договори за соработка со ЈП Дрисла, заради остварување на јавниот интерес.

-Од една страна општините Кисела Вода и Аеродром немаат обновени договори за соработка со ЈП Дрисла, иако деловната соработка континуирано си тече со издавање на фактури и платни налози кон општините, а од друга страна однесувањето на надлежните во ЈП Дрисла кои не дозволија влез на неколкуте камиончиња и механизација со собран смет е недозволиво исто така како што е недозволиво сметот да се фрли во близина на влезот во ЈП Дрисла. Ова во нормална држава не се случува што ми дава за право да кажам дека ова претставува однапред смислено сценарио на делување. Затоа ќе ја искористам и можноста од говорницата на Советот на Град Скопје да предложам неколку краткорочни мерки но и долгорочни мерки за справување со сосотојбата предизвикана од хаосот во ЈП Комунална Хигиена и подобрување на работата на ЈП на Град Скопје: редовно чистење и миење на сите сообраќајници во Град Скопје, дезинфекција и дезинсекција на сите места каде што се наоѓаат контејнерите и во блиската околина, потоа дезинфекција, дезинсекција и редовни одржувања на контејнерите, итна набавка на пет нови камиони и механизација за собирање на смет и отпад, итна набавка 5 нови модерни еколошки чистачи на улици и сообраќајници, рече Шутаров.

Тој воедно ги повика сите надлежни државни институции детално и до крај да ги испитаат сите наводи кои се наведени во поднесените кривични пријави и во кривичните пријави кои допрва ќе бидат поднесени.

-Треба да има детална проверка на договорите за вработување на вработените за кои има сомнеж дека не се појавуваат на работа а остваруваат право на плата, одговорност за сите кои директно или индиректно учествувале во креирањето на ваквите состојби во ЈП Комунална Хигиена, проверка на состојбите со договорите за вработување и во останатите ЈП во соработка со надлежните државни институции, ревизија на работата на членовите на УО на ЈП Комунална Хигиена Скопје во врска со членот 36 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, формирање на работно тело за надзор над работата на јавните претпријатија согласно чл.36. став 1 точка 9 и 11, редовни и чести координации помеѓу Градоначалникот на Град Скопје, Претседателот на Советот и координаторите на советничките групи, соработка помеѓу сите ЈП на Град Скопје во надминување на состојбите во Градот, заклучи Шутаров.

Според него состојбата во Градот Скопје е крајно сериозна.

-Или крајно сериозно ќе и пристапиме или сериозно на крај ќе останеме без Град, кажа Шутаров.