11.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Шутаров: 24 часа Град Скопје ништо не преземаше со блокадите во КХС за да креира медиумска фама

Ситуацијата на која сите бевме сведоци викендот што се случуваше на улиците во Скопје е трета во низата ситуации во последните година и половина што му се случуваат на Град Скопје за првпат во историјата, истакна советникот на СДСМ, Гордан Шутаров за време на вонредната седница на Советот.

– ЈП Комунална Хигиена Скопје престана да ги извршува своите функции односно престана да ги сервисира потребите на граѓаните за кое е формирано уште од далечната 1944 година со одлука на првата седница на Народноослободителниот одбор на Град Скопје како одделение за комунална хигиена во рамките на Градот Скопје… 79 години ова ЈП го опслужува градот Скопје континуирано за денес на 13.07.2023 година да говориме дека јавното претпријатие прекина да ја извршува работата и да ги сервисира потребите на граѓаните во неколку последователни дена. И тоа поради проблеми за кои ние како советници избрани од страна на граѓаните имаме право и одговорност да бараме одговори, да ја бараме и да ја знаеме причината или причините кои довеле до ваквата ситуација во претпријатието. Дотолку повеќе што имаме и обврска и одговорност како законодавен орган во Град Скопје, но и како основач на ЈП активно да учествуваме во решавањето на проблемите доколку можеме и знаеме како да ги решиме и да помогнеме во надминување на ситуацијата особено сега во летниот период кога температурите се повисоки и можат да доведат до определени несакани ситуации за кои и многу доктори и професионалци предупредија до какви непосакувани сценарија може да дојде, рече Шутаров.

Тој потсети дека вечерта од петокот кон саботата веќе започнале определени блокади во КХС кои потоа кулминираат.

-Во неделата веќе почнаа граѓаните масовно да споделуваат дека контејнерите во секоја од населбите и општините во Скопје се преполни… Разликата од почетокот до кулминацијата се 24 часа. 24 часа време за кое раководството на Градот Скопје, во овој случај Градоначалникот има можност, но и одговорност и обврска да го спречи ваквото однесување и какво било оневозможување со работа на ЈП кое врши исклучителна важна општествена комунална дејност. Кризниот штаб кој беше свикан во неделата во моментот кога фејсбук хероите веќе почнаа ПР агенда со 4-5 камиончиња собран смет. Иако секоја чест на сите што се обидоа сами, но знаеме и треба да бидеме свесни дека со едно или две камиончиња по Општина може да собере отпад само од една урбана средина или маало односо месна заедница, а за целосно чистење се потребни и повеќе време и поголема логистичка подршка. Но, што е тука е …, Кризниот штаб потребно беше и мораше да се свика во саботата, заедно и со другите јавни претпријатија, ако треба заедно и со советниците или дел од советниците во Градот Скопје, од комисијата од областа на комуналните дејности. Како градоначалник на Градот Скопје, нужно беше иницијативата за одржување на координативно тело на градоначалници на Скопски плански регион да дојде токму од Вас како градоначалник на главниот град исто така во саботата, за да не дојде до такво сценарио какво што дојде и беспотребно граѓаните да бидат лути и гневни заради тоа што тоа можело да се спречи ама не се спречило зашто морало да има медиумска фама. Фамата е очигледно тоа што ги движи процесите и политиката ама за жал граѓаните ги трпат последиците и тоа не е фер, истакна советникот Шутаров во обраќањето.