Денеска, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа доделени договорите за неповратна финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за инвестиции на земјоделски производители на храна од животинско потекло од Програмата за мали производители.
Ова е нова програма, која е воведена првпат како една од клучните промени во реформата за поддршка на малите производители. Договорите се со вкупна вредност од 8 милиони денари, наменети за развој на сточарското производство, за инвестиции во опрема, основни средства и услуги, кои имаат цел остварување додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна од животинско потекло.
„Предноста на оваа финансиска поддршка е авансната исплата, што значи дека сите добитници на грант, веднаш по потпишувањето на договорот, во рок од 10 дена, ќе ги добијат парите, со кои треба во рок од 45 дена да ја набават опремата за која аплицирале. Целта е преку финансиска поддршка да се помогне на малите земјоделски стопанства, на малите фарми, да ги зголемат капацитетите и со тоа да си го зголемат приходот и да изградат сопствени брендови“, изјави министерот Николовски.
Нагласи дека поддршката на Министерството за развој на сточарството е континуирана.
„Со тоа ќе им помогнеме на земјоделците да го легализираат својот имот, со што ќе бидат во можност да ги обноват своите капацитети или да изградат целосно нови. На тој начин ќе станат поконкурентни и ќе им го отвориме патот за зголемен пристап до сите мерки и политики на Министерството, но, пред сè, до ЕУ фондовите и ИПАРД-програмата. Како никогаш досега има редовна, навремена и брза исплата на субвенции за разлика од 2017 година кога сточарите имаа задоцнети девет фази на неисплатено млеко, а годинава за само шест месеци за сточарството се исплатени 1,3 милијарда денари. Нема доцнење и нема заостанати долгови. Првпат оваа година ќе почнеме со авансна исплата на субвенциите од реколта 2023. Земјоделците ќе добијат авансни 30 % до крајот на годинава. Малите производители ќе останат во фокусот на нашите политики, ќе ги поддржиме да растат и да го зголемуваат производството, младите да останат во државава и тука да ја градат својата иднина. Затоа сме посветени на поддршка за малите фарми, младите и жените“, истакна Николовски.