24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Левицата: Децата со попреченост и понатаму без образовни асистенти

Обезбедувањето образовна асистенција во средните училишта остана заглавена во новиот закон за средно образование, кој со години е во собраниска процедура и кој очигледно не претставува приоритет за Владата наспроти законите што експресно со европски знаменца се носат во Собранието, информираат од Левицата.

Република Македонија како потписник на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, како што истакнуваат, е обврзана да создаде услови за промовирање, заштитување и обезбедување целосно уживање на човековите права од страна на лицата со попреченост.

„Едно од загарантираните права е правото на квалитетно образование, преку кое децата успешно ќе ги развиваат своите потенцијали во насока кон сеопфатна интеграција. Предуслов за инклузивното образование како процес што би требало да излезе во пресрет и да одговори на разните потреби на децата е обезбедување образовна асистенција на учениците со посебни потреби во основното и средното образование“, посочуваат од Левицата.

Во пресрет на новата учебна година Левицата во контекст на целосна поддршка кон лицата со посебни потреби бара од Владата итно изнаоѓање решение, кое ќе обезбеди образовни асистенти на сите ученици во средното образование и на тој начин ќе се овозможи квалитетна сеопфатна инклузија на децата со посебни потреби.