25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Заврши владината седница, донесени серија важни одлуки

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за преземени активности во врска со прогласената кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, на подрачјата на Општина Делчево и Општина Крива Паланка и донесе Одлука за утврдување на општинските патишта и улици, за коишто работите за рехабилитација и реконстуркција ќе ги вршат јавни државни претпријатија.

Со Одлуката, како што е образложено од предлагачот, Министерството за транспорт и врски, практично се овозможува на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и на Јавното претпријатие за државни патишта – и покрај тоа што станува збор за општински улици и патишта, во интерес на граѓаните, да ги преземат сите потребни мерки и активности за санирање, заштита и реконструирање на улиците во општините Делчево и Крива Паланка.

Oва е направено по доставено известување од Општината Крива Паланка, со листа на приоритети за санација на штетите на инфраструктура коишто се во надлежност на општината и листа на приоритети на инфраструктурни објекти коишто се во надлежност на републиката, како и доставено известување од Општина Делчево, со листа на приоритети за улиците, атмосферските канализации, регулација на реките и мостот на река Брегалница.

Со цел ефикасност во постапувањето, Владата ги задолжи Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта, во рок од 6 месеци, да достават Извештај за извршената рехабилитација и реконструкција на утврдените општински улици и патишта.

Владата, на предлог на Министерството за правда, донесе две одлуки за престанок на трајно користење на два простора, чиишто досегашен корисник е Министерството за правда и доделување на трајно користење, без надомест, на Основниот граѓански суд Скопје.

Судовите имаат законска обврска, согласно Законот за нотаријат, да обезбедат услови и просторни капацитети за архивираните предмети на нотарите на кои им престанала нотарската служба, а ваков проблем, со обезбедување просторни услови за оваа намена, според Министерството за правда, имал Основниот граѓански суд Скопје.

Од овие причини, Владата, со донесени одлуки, дава на Основниот граѓански суд Скопје, на трајно користење, два простора на ул. „Гоце Делчев“ бр. 18 во Скопје, во зградата на Македонска Радио Телевизија, каде што е предвидено да се сместат архивирани предмети на нотари на кои им престанала нотарската служба поради пензионирање, на подрачјето на основните судови на Град Скопје, а за коишто, Миниситерството за правда извести дека се направени соодветен попис и селекција.