13. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Управата за финансиска полиција е кредибилен соработник на МВР во превенција и репресија на организираниот криминал и корупција

Денеска (26.06.2023), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше со свое обраќање на свеченост по повод 20 годишнина од формирање на Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии.

„Обезбедувањето на законитоста во финансиското работење, што претпочита не само будно следење, туку и благовремено, аналитичко и детално детектирање на сите оние незаконитости во доменот на работа и надлежности на Управата за финансиска полиција, согласно досега докажаното од страна на оваа институција и нејзините вработени, бездруго покажува дека тие цели се и тоа како достижни, реално остварливи, дури и покрај нужните реформски промени што во изминатиов период мораа да се прават во όд”, истакна министерот Спасовски

Потенцирајќи дека МВР во Управата за финансиска полиција доби кредибилен соработник, министерот Спасовски даде осврт на досегашната соработка:

„А притоа, бидејќи станува збор за посебно сензибилна материја за работа, не попусто во изминатите години со Управата усогласивме и нормиравме низа заеднички акти како рамки за делување. Почнувајќи од Меморандумот за соработка во откривањето и гонењето на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, заедно со надлежното Јавното обвинителство, Царинската управа и Управата за јавни приходи; потоа Протоколот со Бирото за јавна безбедност при МВР за регулирање на соработката во спречувањето и борбата против организираниот криминал. Следуваше Меморандум за соработка во насока на размена на информации и податоци преку Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал во кој покрај претставници од МВР и Управата за финансиска полиција, учествуваат и Царинската управа, Управата за финансиско разузнавање, УЈП, ОЈО ГОКК и Агенцијата за управување со одземен имот, кој има за цел превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси”, истакна министерот Спасовски.

На крајот од своето обраќање, министерот Спасовски честитајќи го респектабилниот јубилеј на Управата за финансиска полиција, изрази уверување дека соработката и понатаму ќе се продлабочува, како и тоа дека Управата и нејзините вработени ќе продолжат со истиот курс на стручно, професионално и одговорно функционирање во спроведувањето на законите, а во интерес на граѓаните и правните субјекти.