СДСМ заедно со коалициските партнери прави сè Македонија да продолжи напред по европскиот пат, да бидат спроведени реформите и да ја исполниме стратешката цел: членство во ЕУ, истакна на денешната прес-конференција Даниела Колева, пратеничка на СДСМ.
„Имаме историска шанса и можеме во тоа да успееме. До 2030 година да стоиме рамо до рамо до нашите европски партнерски земји како рамноправна членка на Европската Унија. Ако сега ја испуштиме оваа шанса, следна набргу нема да добиеме. Само ќе загубиме 10 или 15 години, ќе стоиме во место и во изолација додека регионот напредува. Тоа не смееме да го дозволиме, Северна Македонија нема време за губење, нашите млади македонски генерации немаат време за губење“, вели Колева.
СДСМ, како што рече, ќе направи сè и ги повикува сите релевантни политички партии да се приклучат на процесот за да се обезбеди членството во ЕУ.
„Заедно да изградиме иднина, каде што нашите млади ќе може да ги остварат своите соништа, каде што нашата економија напредува и каде што нашите демократски вредности јакнат. Опозициската ДПМНЕ досега нема поддржано ниту една стратешка одлука за земјата. ДПМНЕ не го поддржаа договорот од Преспа, не го поддржаа членството во НАТО, не го поддржаа почетокот на преговорите со ЕУ ниту, пак, гласањето за договорот ФРОНТЕКС“, потенцира таа.
Појасни дека дури и најновата одлука на германскиот Бундестаг не беше поддржана од ДПМНЕ, ниту од нивните сестрински партии.
„Сега ДПМНЕ и Мицкоски имаат шанса првпат да направат државнички потег. Откако променија став и не се против уставните измени, ДПМНЕ треба да остане во процесот, да продолжи дијалогот за уставните измени и заедно да ја донесеме одлуката за европска иднина на земјата“, рече пратеничката од СДСМ.